Членовите на ад хок телото по сопствено убедување ќе одлучуваат дали известувањето на медиумите ќе биде избалансирано во овие 80 дена до почетокот на изборната кампања, вели директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Сега кога и официјално партиите се договорија за избори на 11 декември, Агенцијата го почна мониторингот на медиумите во предизборниот период, притоа ја укинавте методологијата за мониторинг на медиумското претставување донесена на 26 август и се вративте на онаа која што беше претходно донесена во јануари годинава. Во што е разликата меѓу овие две методологии?
Методологијата што беше укината опфаќаше период од 80 дена пред избори, во којшто период медиумите со последните измени на Изборниот законик имаат обврска да известуваат избалансирано. Бидејќи во законот не беа предвидени правила за тоа што значи избалансирано известување, Агенцијата одлучи да го искористи францускиот модел, каде што надвор од изборниот период се мери балансираноста и тоа го преточивме во методологија. На барање на политичките партии, односно нивниот меѓусебно потпишан договор, побараа да се врати методологијата од 5 јануари оваа година. Разликата меѓу овие две методологии е во тоа што во оваа методологија што е сега на сила нема дефинирано критериуми за тоа што значи избалансирано известување 80 дена пред избори и начинот на известување дали некој медиум ќе известува изблансирано или не се остава на волја на членовите на ад-хок комисијата.
Дали мониторингот опфаќа квантитативна и квалитативна анализа или и двете?
Не е возможно да има мониторинг без квантитативна и квалитативна анализа, ние ќе правиме и квалитативна анализа, но како што кажав, за овие 80 дена пред почетокот на изборната кампања, параметрите за тоа што значи, односно правилата за тоа што значи избалансирано известување не се дефинирани ниту во законот, ниту во оваа методологија, бидејќи партиите сакаа да биде така и како што кажав – дали известувањето на медиумите ќе биде избалансирано ќе одлучуваат по свое сопствено убедување членовите на ад-хок телото. Тоа ги става во малку незавидна положба медиумите, бидејќи не постојат правила, коишто, за жал, во претходната методологија, која партите бараа да ја укинеме беа дефинирани. Медиумите имаа јасна претстава, ги знаеја правилата и знаеја како треба да се однесуваат. Со ваквиот договор во најтешка положба се ставени медиумите, бидејќи за овие 80 дена во делот на избалансираноста не постојат критериуми. За време на изборната кампања принципот за избалансираност е законски утврден и во тој период ниту агенцијата, ниту ад-хок телото нема да има проблем да дефинира кои медиуми известувале, односно не известувале избалансирано.