Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски и градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски денеска го презентираа проектот за продолжување на булеварот „АСНОМ”.
Станува збор за проект кој е витален за овој дел од општината Аеродром и подобрување на сообраќајот кон населеното место Горно Лисиче.
– Продолжувањето на булеварот АСНОМ е проект кој ќе се реализира во неколку фази. Во првата фаза ќе се продолжи овој булевар на потег од „Февруарски поход” до „Тодор Чангов” бидејќи тука се расчистени имотно правните односи. Втората фаза ќе зависи од разрешувањето на имотно правните односи, каде има одреден број на куќи кои се наоѓаат на трасата на овој булевар. Овој булевар е многу важен со оглед на тоа што веќе е готова новата населба и каде веќе се населуваат жители, со што со неговата реализација ќе им се олесни пристапот до нивните домови, изјави Трајановски.
Потенцира дека за реализацијата на овој проект неопходна е и поддршката и соработката со општина Аеродром и градоначалникот Ивица Коневски, пред се во процесот на разрешувањето на имотно-правните односи, издавањето на техничка документација и останати согласности.
Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски рече дека ова е проект кој е од голема корист за жителите на Горно Лисиче и дека и понатаму ќе продолжи одличната соработка со градот Скопје.
