Ефектите од дигитализацијата на радијата и телевизиите во земјата се послаби од очекуваното и под нивото на можностите што ги нуди оваа технологија е ставот на експертите кои денеска дебатираа на тема „Дигитализација во радиодифузија: достигнувања, предизвици и перспективи“. Оваа јавна консултација е дел од проектот „Мапирање на дигитализацијата во радиодифузијата во РМ“, спроведен од Фондацијата Метаморфозис.
– По процесот на дигитализацијата на телевизиите и радијата кој требаше да заврши во 2015 година, многу малку од оваа технологија овозможи да се појават нови услуги и производи на пазарот, гледаме дека медиумите повторно нудат ист начин на презентирање содржина, ист начин на производство на содржина. Се појавија само неколку новини како што се пренесување на телевизија преку IP протоколот – телевизија на барање, но тие се уште се на почетокот, нивното влијание е многу мало, учеството на пазарот е речиси незабележително. Дигитализацијата беше извонредна можност да се овозможи развој на радидифузниот сектор, раст на пазарот, унапредување на деловните практики на медиумите, нашите претпоставки се дека тоа, за жал, не се случи. Граѓаните очекуваат да добијат понапредни услуги кои што ќе бидат одраз на конвергенцијата на технологии на интернетот со телевизијата, меѓутоа, за жал, нашите сознанија се дека тоа нема ниту влијание на програмските содржини, рече професор Зоран Јаневски.
Тој денеска ги презентираше првичните сознанија на истражувањето и рече дека во Македонија меѓу 2011 и 2014 година, драстично е намалена ефикасноста во медиумскиот бизнис.
Според Горан Гаврилов, сопственик на Канал 77, состојбата е иста сега како и во 2013 година
– Ние радидифузерите заедно со државата и со „One“ мора нешто да преземем за да се зголеми понудата кон публиката. Во дигитализацијата, освен замена на технологијата требаше да се види и висината на цената. Првенствено да се види колку да не чинеше досега замената на анлогниот со дигиталниот сигнал. Мора да кажам дека цената да се зрачи на дигитален сигнал е три пати повисока, а пет пати е повисока доколку зрачиме на HD. Ниеден радиодифузер во Македонија не ја користи таа можност, бидејќи се работи за 300 000 евра годишно, кои треба на Оне да му се платат за HD технологијата. Додека 157 000 евра е за SD, со некој попуст тоа сер 100 000 евра, тоа се огрмони пари за нашиов пазар, што ние не можеме да ги пружиме, а капацитетот го имаме, вели Гаврилов.
Дигитализацијата оваа година особено влијае врз региналните телевизии кои преминаа на кабелско емитување програма.
– Кога почна дигитализацијата АЕК ветуваше дека, а ко не за шест месеци, тогаш за една година, ќе направи анализа на пазарот, на трошоците на ONE и дека ќе излезе со ценовник прифатлив за радиодифузерите и за операторот на мултиплексот. Тоа до денес не се случи, а тоа е неопходно, затоа што во ситуација кога имате еден оператор, тоа може да значи монополска позиција. Во таква ситуација АЕК како регулатор треба да се вмеша во утврдувањето на цените, вели Столе Наумов.
Проектот што го спроведува Метаморфозис ќе заврши со финален документ во кој ќе бидат интегрирани сите сознанија од истражувањето и препораки за унапредување на дигитализацијата и радиодифузијата во иднина.
А.Б.