Мартин Ѓоргиевски, патник во таксито со кое се превезувал починатиот Денис Тот и обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефкова и Андреј Костовски, сведочеше како се случило недоразбирањето. Тој е единствениот кој може да даде детали, бидејќи, Обвинителството и одбраната и не можат да го најдат таксистот во чие возило се случила кавгата. Сведокот Ѓоргиевски го опиша сега починатиот со зборовите „душа од човек“. Но тоа го услови и додаде дека кога ќе пиел алкохол, тој, како што рече: „имал испади“. Ѓоргиевски и Тот се среќавале постојано, во кафеана, каде што излегувале.
Критичната вечер кога се случи претепувањето до смрт, Тот го повикал сведокот Ѓоргиевски во истиот локал. Потоа, Ѓоргиевски го повикал првообвинетиот Анџело, кој пак, дошол со второосомничената Клементина. Тот ги поканил сите да излезат во дискотеката „Привилиџ“ пред чии врати, се случи настанот. Откако завршила забавата, причина за кавгата е место во такси возилото. Според сведокот Ѓоргиевски, Тот го навредил првообвинетиот на кого му упатил зборови: „Што сакаш бе ти да ти ебам мајката“, по што додаде „Мислам дека ја опцу мајката на Анџело“.
„Вечерта течеше нормално, седевме на иста маса, меѓу нас немаше никаква расправија. Сега починатиот Денис ми рече дека имал резервација преку другарка, која потоа (по настанот со претепувањето) се јави во Брза помош“, кажа сведокот Мартин Ѓоргиевски.
Пред судот го опишуваше сега починатиот. Кажа дека вечерта, додека седеле во кафеаната, Тот испил пет пива. Вечерта, според сведокот, пиел виски и енергетски пијалаци. Потоа, нарачувал и текили.
„Денис кога немаше пиено алкохол беше душа човек, многу мирен. Но имаше и испади, се случуваше, не да напаѓа конфликтно, туку одеше нонстоп да се запознава со други девојки, како што беше вечерта и во клубот. До нас имаше маса, од која поради него си заминаа. Трипати го вратија од масата, а тој цело време таму одеше. Меѓу нас на масата имаше плус уште неколку други другари кои не ги познавав, млади момци беа. Немаше некои си расправии, се беше во ред“, кажа сведокот.
На два-три пати му нагласив: „Полека малку“, бидејќи ги пиеше на екс, додаде сведокот. Според него, имала мала реакција и од обезбедувањето на дискотеката, поради однесувањето на Тот кон девојчиња кои седеле на соседни маси. По ова, раскажа и за моментите кога требало да заминат дома. Место во такси возилото причина за кавгата. Следувал и удар, според сведокот. Тој кажа дека Тот замавнал со раката и го удрил Анџело, кого претходно го навредувал.
„Го повикав, дојде, ја зема јакната, ја испи последната чашка на екс, во холот каде се наплаќаат картите се поздравивме. Ние бевме од Волково, немавме финансии сите да плаќаме сите посебно такси, а колата ја оставив пред кафаната. Се договоривме да појдеме до мојата кола со таксито и од таму да ги префрлам сите. Јас прв излегов, видов такси пред вратата, јас прв влегов во таксито, потоа мислам дека Анџело влезе до мене, Клементина влезе од левата рата и Виктор беше понастрана, го повикавме и тој да влезе. Клементина се префрли кај Анџело во скут да седне бидејќи требаше и Виктор да влезе. Починатиот Денис влезе во таксито, ние му кажавме да искочи бидејќи чекаме друг другар да влезе во таксито. Тој повторно почна да се пика во колата, каде почна да има навреди кон Клементина, потоа и кон Анџело. Малку погрдни зборови употреби, рече: „Што сакаш бе ти курво мала“. На Анџело му рече: Ти да ќутиш“, а Анџело му рече: „Полека малку смири се“.
Клементина, според сведкот, му кажала на Тот да го напушти таксито со зборовите „Излези не е за тебе местото“ и по ова настанала турканица.
„Во дел од секунда почна гураница во таксито. Кон Клементина не знам дали имаше удар, но, удар кон Анџело имаше. Се виде тој дел, со надворешниот дел од раката. Но тоа што Анџело викна: „Што ме маваш бе“. Излегов јас од таксито, а кога тоа се случи, Денис Тот беше во дел кога паѓа на грб. Одма се стрчав да ги разделам сите околу него. Починатиот се додека не го качивме во Брзата помош, имаше отежнато дишење… Имаше повеќе удари, не ги видов од Андреј ударите, ги видов од Клементина. Јас застанував пред нејзе, таа преку мене некако се протна и имаше уште еден удар. Се тргна на страна, а јас го видов телото и слушнав крчење, реков: ‘Што направивте’ и почнав да му давам прва помош, уста на уста и масажа на срце. Имаше еден дечко до мене, со шише вода, му го земав, го потурив на лице, го замив.. Како што давав вештачко дишење се заморив, до мене беше Анџело, помагаше за да му се пружи Прва помош, потоа се вклучи Андреј Костовски. Јас не можев сам, самиот алкохол не даваше, јас застанав, престанав, не можев веќе, немав сила… Продолжија Андреј и Анџело, сега обвинетите, да му пружаат помош. Јас се тргнав на страна, тоа беше шок за мене. Денис ми беше другар, сепак, секој втор-трет ден бевме заедно“, раскажуваше сведокот.
Мартин Ѓоргиевски, патник во таксито и сведок во судскиот процес, кажа дека и денеска е во шок од целата ситуација. Како последица на настанот, има и здравствени проблемот.
„Влеговме во друго такси, таксистот од првото такси не нѐ прими. Отидовме до мојата кола и стварно бев во шок. Мозокот не ми беше во функција. Мислам дека после тој случај, ми се случија проблемите со срцето, идев на интензивна нега, бев задржан во болница, имам уплав“, додаде сведокот.
Тој раскажуваше и за други излегувања во кафеана со сведокот. Го опиша како позитивен и весел човек.
„Нонстоп пиво, пиво, пиво, пиво. И пред настанот пиевме пиво. Во врска со други искачања, имало исто така, не секогаш, но два до трипати, бил нападен по други маси, во смисла, ќе види девојка и ќе и пријде. А другите машки со таа девојка, ќе го викнат, ќе имаат реакција, ќе му кажат да не прави такви работи“, додаде сведокот.
Адвокатите на Клементина, се интересираа и дали Тот ја допирал второобвинетата во клубот.
„Околу нас имаше многу луѓе, јас не бев фокусиран на делот каде беше Клементина. Бидејќи таа беше дојдена со мојот познаник Анџело, тука не знам дали имало фаќање, немало фаќање. Ако кажала обвинетата, тоа дали е така или не е не знам“, кажа сведокот.