На обвинувањата од Марјан Ристески, актуелен градоначалник на Прилеп и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за нов мандат, дека ако победи „Сојузот за иднината“, земјоделците нема да добијат субвенции, реагираа денеска од опозициската коалиција.
Од таму велат дека станува збор за невистини, и потсетуваат на ветувањата дадени на вчерашниот митинг во Канатларци.
Таму Хари Локвенец, кандидат на „Сојузот за иднината“ за градоначалник на Прилеп кажа дека се лаги наводите дека опозицијата ќе ги прекине субвенциите.
Најстрашно е што ве плашат дека всушност ние немало да ги даваме субвенциите. Лажат! Ви кажувам дека лажат, не само што ќе продолжиме да ги даваме субвенциите, ќе ги дуплираме – порача Локвенец.
На истиот митинг и лидерот на „Сојузот за иднината“, Бранко Црвенковски, го даде ветувањето за покачување на субвенците, потсетуваат од Сојуз за иднината – Прилеп.
Сакам да ве прашам, дали се сеќавате кога во 2011 година се поделија субвенциите? На 4 јуни – а на 5 јуни беа изборите. Сега кога ги поделија сувенциите? Денеска, на три дена пред изборите. Да не беа изборите, немаше ни субвенции, денар немаше да видите. И пак после изборите ќе ве заборават. А субвенциите со закон ви следуваат, не се тие подарок од власта, што рече Хари, не само што ќе останат кога ќе се промени власта, туку ќе бидат и зголемени. Ама ќе ги земат луѓето што живеат од земјоделие, што работат земјоделие – порача Црвенковски.
