ВИДЕО: Со електронски рецепт издадени 95 проценти од лековите изминатите два месеца

Од:

Деведесет и пет проценти од вкупно препишаните рецепти во изминатите два месеца се издадени електронски, односно 95 проценти од лековите на пациентите им биле дадени без хартиен рецепт, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Со Проектот за електронски рецепт веќе два месеца препишувањето и издавањето лекови се врши без употреба на хартија и физичка посета на матиниот лекар и преку него досега се креирани над три милиони рецепти за хронична акутна терапија.

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата истакна дека се покажало дека е одличен модел и проект електронското издавање рецепти, што почна пред кризата со Ковид-19, а со цел да се избегне непотребното доаѓање на пациентите, пред се, на тие со хронична болест и кај матичниот лекар и во аптеките.

Посочи дека токму кризата го докажа тоа, заради тоа што тие кои најмногу сакаме да ги заштитиме во оваа ситуација пациентите со хронични болести, сега го избегнуваат непотребното одење во лекарските амбуланти. Системот, потенцира министерот, досега се покажа како успешен и од 1 мај досега преку него се креирани над три милиони рецепти за хронична акутна терапија.

– Со оваа алатка се модернизираше процесот на препишување и издавање лекови без хартија односно преку електронски рецепт. Тоа е нешто што ја олеснува целокупната постапка за издавање на рецептите за пациентите, а од што продобивка имаат не само пациентите, туку и матичните лекари и аптекарите, фармацевтите и Фондот за здравствено осигурување. Пациентите добиваат ефикасен пристап до лекови и поефикасна здравствена заштита. Матичните лекари веќе не се оптоварени со дополнителна работа, а тоа е пополнување на хартиениот рецепт, туку софтверскиот рецепт е директно достапен во аптеките и во исто време Фондот за здравствено осигурување има во вистинско време информација за тоа кој матичен лекар за кој пациент какви лекови препишува, рече Филипче.

Нагласи дека воведувањето на електронскиот начин на издавање рецепти е надополнување на активностите за целосна достапност до терапиите и лековите за пациентите, кој започна минатата година во октомври кога целосно ги укинавме квотите за лекови за рецепт во аптеките ширум државата. Со тоа, појасни, обезбедивме лекови за сите пациенти, сите кои имаат потреба од тоа, имаат лек во кој било ден од месецот, се избегнаа гужвите, редиците, паниката која веќе не постои кај граѓаните.

– Со тоа ја постигнавме една од нашите цели, а тоа е преку вистински здравствени политики го зајакнеме овој сегмент од јавно здравствениот систем. Во таа насока сите мерки и проекти кои ги реализираме за подобрување на животот и здравјето на пациентите, но и модернизација односно дигитализација во здравството имаат за цел подобрени, современи здравствени услуги за граѓаните, унапредување на условите и оптимизирање на работата на здравствените работници, додаде Филипче.

Како што појасни Манчевски, новиот систем е многу едноставен за користење од граѓаните. Пациентите по телефон се јавуваат кај матичниот лекар, лекарот го издава соодветниот еектронски рецепт, а потоа граѓаните само со документ за лична идентифкациа можат да го подигнат лекот во која било аптека. За хронично болните пациенти е овозможено и друго лице наместо нив да го стори тоа, доколку болниот не е во можност.

– Оваа услуга го автоматизира и значително го поедноставува издавањето на рецептот, се исфрлаат од употреба термините, граѓаните добиваат побрза и поефиканса услуга, а матичните лекари се растоваруваат и се автоматизира работата, рече Манчевски.

Електронскот рецепт, потенцираше, е трајна придобивка, во услови на тековната здравствена криза особено им помага на граѓаните и на лекарите, но откако ќе помине кризата чекањето во редови на лекар и во аптека ќе бидат минато.

Манчевски најави дека со тековната масовна дигитализација следни проекти се електронско запишување деца во градинка и во училиште, автоматско префрлање финансиска помош за новороденче, како и уверение за остварени приходи од страна на Управата за јавни приходи. Следуваат и стотици други електронси услуги со коишто ќе продолжиме со масовната дигитализација, најави Манчевски.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска