Претседавачот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ , по 8 месеци отсуство поради изречената мерка притвор од денеска повторно претседава со седниците на советот. Шиповиќ очекува Советот да работи нормално и да носи одлуки кои што се во интерес на граѓаните и за кои добија доверба на последните локални избори.
Претседавачот на Советот сака, по 8 месечното отсуство да види што и како до сега се работело.
„ Болката и тагата на мојата фамилија и мојата болка и тага ќе ги тргнам настрана и тие нема да бидат пречка во работата на Советот“ изјави Шиповиќ.
Мирослав Шиповиќ беше во 8 месечен притвор, заедно со 12 други лица за случајот „Машинопромет“.
Судот прво донесе одлука мерката притвор да ја замени со домашен притвор, а потоа и ја укина мерката и сега претседавачот со Советот на општина Центар и претседател на општинската организација на СДСМ Центар се брани од слобода. Наредните рочишта се закажани за месец август.