(ВИДЕО) Шилегов: Обезбедуваме безбедно домување за жените жртви на семејно насилство

Од:

Градоначалникот Шилегов ја посети новоотворената куќа за отворено домување за жените жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина.

Оваа куќа беше отворена неодамна, од страна на Град Скопје во соработка со Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Овој концепт модел овозможува реинтеграција и рехабилитација на жените жртви на семејно насилство преку обезбедување домување во период од 6 месеци на оние жени кои биле жртви на семејно насилство и ја напуштиле насилната средина, а притоа немаат свое живеалиште, ниту пак можат да го користат живеалиштето на нивните блиски.

Поконкретно, домувањето има капацитет за најмалку 10 жени жртви на семејно насилство и за нивните деца, кои живеат на подрачјето на град Скопје, ќе биде обезбедено отворено или транзитно домување во времетраење од 6 месеци од моментот на напуштање на насилната средина, се додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот, односно не стане економски независна, не обезбеди сопствено домување и стабилен финансиски приход.

Ќе биде обезбедена психолошка поддршка, советување и помош при вработување преку економско јакнење и унапредување на образованието.

Оваа куќа за отворено домување располага со 4 простории за спиење, тоалет, бања и заеднички простор за кујна и дневен престој.

„Градот Скопје изминативе години ја препознава потребата за обезбедување услуги на жртвите на семејно насилство, како посебна ранлива категорија, нивна реинтеграција и рехабилитација и развива програми и мерки за помош и поддршка согласно со нивните потреби. Ова е видливо и преку воспоставувањето на Првиот семеен центар на Град Скопје кој функционира во рамките на Здружението нa граѓани ХЕРА и кој претставува прв и единствен специјализиран сервис каде услуги добиваат и сторителите на семејно насилство, при што се работи на превенција на насилството“, рече градоначалникот Шилегов.

Шилегов истакна дека пред локалните избори, уште како кандидат за градоначалник, потпишал јавна заложба со Националната мрежа за вложување во борбата со семејното насилство.

„Градот Скопје продолжува и понатаму да поддржува унапредување на сервисите од ваков тип, со цел ефективно и ефикасно справување со семејното насилство. Продолжуваме и со поддршката на сите заложби за заштита на основните човекови права и слободи и почитување на општо прифатените норми за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство. Скопје е град за сите и затоа бескомпромисно ќе се бориме да го олесниме и подобриме секојдневието на секој кому нашата помош му е неопходна – рече градоначалникот Шилегов.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓиевски: На Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа

МВР: Лажни се пријавите за поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово

Горан Наумовски

Одрон на автопатот Скопје – Велес и две сообраќајки

Катерина Ѓуровски

Ѓорѓиевски: Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија

Во Скопје 474.304 граѓани со право на глас ќе избираат помеѓу 16 кандидати за градоначалник и 19 листи за советници

Ѓорѓиевски: Скопје ќе стане првиот целосно – paper free град во државата, дигитален, модерен и транспарентен