Пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов по денешната прес конференција, одговарајќи на новинарски праања изјави дека мирот и стабилноста на Република Македонија не смеат да бидат жртва на лудилото на еден човек.
Како ги коментирате потерниците кои осамнаа низ скопските наслеби каде што неколкумина луѓе -пратеници ваши ги обвинуваат за предавство?
Не е прв пат, носителите на високи партиски функции на СДСМ и пратениците во Собранието на Република Македонија да бидат предмет на ваков вид на специјална војна. СДСМ најостро ги осудува ваквите појави, особено ако се има во предвид дека не е единствен случај, ќе ве потсетам само на листите на јавни личности којшто политички не се согласуваат со Никола Груевски, а беа ставани на листи за ликвидација, ќе ве потсетам само на некролозите којшто беа ставани за странските дипломати во Република Македонија. Ваквите фашизоидни ставови, дејствувања и влијанија само ја покажуваат и докажуваат потребата на Република Македонија за итни реформи. На Република Македонија и е насушно неопходен, Јавен Обвинител. Има ли оваа држава Јавно Обвинителство кое што ќе ги бара, најде, казни нарачателите на ваквите морбидни работи? Дали нарачателот во својата лудост во бункерот кој сам си го изгради некогаш помислил на било кој граѓанин во нашата држава? Дали нарачателот на лудостите што се случуваат во овие две-три недели во Република Македонија помислил на загриженоста на било кој граѓанин во Република Македонија, на децата на тие луѓе во нашата држава? Не само за овие на потерниците, зборувам општо за граѓаните. Или на иднината на било кој граѓанин во оваа наша држава? Мирот и стабилноста на Република Македонија немаат цена и не можат и нема да смеат и нема да дозволиме да бидат жртва на лудилото на еден човек којшто има исклучиво за цел, преку ширење на лажни информации и дезинформации во јавноста да се спаси себеси и криминалното опкружување, од одговорноста што му следи. Главната тема во Република Македонија се вика одговорност на политичарите за криминалните дела којшто ги правеа во текот на изминативе 11 години. Се друго е спин и креирање на лажна реалност со цел да се внесе вознемиреност кај граѓаните.
Дали очекувате попречување на седницата?
Се уште веруваме на она што официјално сакаа да ги соопштат, а тоа е дека нема да биде попречена седницата на Собранието на Република Македонија, за продолжување на конститутивната седница на којашто ќе се дооформат собраниските комисии и ќе се избере Претседател на Собранието.
Има ли некаков договор кога би била седницата?
Вие сте сведоци дека во тек на оваа недела се во тек консултациите со политичките партии којшто ги дадоа потписите за мандат за формирање на новата Влада на Република Македонија, кога ќе имаме зрела ситуација ќе соопштиме на јавноста.
Дали договоривте кој ќе биде Претседател на Собрание?
Велам, значи во тек се консултативни седници. Знаете дека вчера имавме средба со ДУИ, во текот е средба со движењето БЕСА. Мораме да произлеземе со заеднички заклучоци по сите прашања и по однос на тие прашања да соопштиме на јавноста кој се ставовите.
Дали ќе се консултирате и со ВМРО-ДПМНЕ за закажување седница?
Веројатно ќе биде одржан координативен состанок во смисла на тоа дека е неопходно да се закаже, а не дека е неопходно ВМРО ДПМНЕ да даде зелено светло за одржување. Зеленото светло го дава парламентарното мнозинство. Република Македонија е парламентарна демократија. Во парламентарна демократија мнозинството гласови на пратениците ги носат одлуките, ќе биде побарано од претседавачот на конститутивната седница, господинот Трајко Вељановски со мнозинство од пратеници за продолжување на конститутивната седница. Се надеваме дека ВМРО ДПМНЕ ќе смогне сила да биде конструктивна опозиција во Република Македонија, а не да продолжи со хушкање, палење на граѓаните и внесување немири во нивните животи.
Како ја коментирате вчерашната изјава на Ахмети дека мора да има договор пред да се свика Собранието? Дали тоа е најава за уште еден долг процес на преговори помеѓу сите партии?
Онолку колку што јас успеав да видам, господинот Ахмети допрецизираше дека станува збор за партиите којшто го формираат мнозинството, а тоа е во насока на она што го зборував. Секако, дека сите политички партии којшто имаат пратеници во Собранието на Република Македонија и најдобро за Република Македонија е да имаат активно парламентарно учество за да не ја изнесеме демократијата по улиците.