Центарот за управување со кризи утринава информира дека изминатото деноноќие имало вкупно 29 пожари на отворено од кои седум се уште се активни.
Активен е пожарот меѓу селата Селце и Пухче во општина Штип каде гори мешана шума и пожарот во реонот на армискиот полигон Криволак кон Пенуш каде има многу голема „фронтова“ линија и гори ниска вегетација.
Во општина Македонски Брод меѓу селата Брезница и Тажево гори квалитетна борова шума. Интервенираат 15 вработени од националниот парк „Јасен“ помогнати од 30-тина припадници на Армијата кои деноноќно се борат огнот да не се пробие кон внатрешноста на заштитено повеќенаменско подрачје „Јасен”. Вчера, армискиот хеликоптерот „Ми 17“ во два наврата не можел да дејствува од густиот чад.
Активен е и пожарот во општина Чашка меѓу селата Габровник и Мокрени каде гори мешана шума и ниска вегетација Линијата на огнот со повремени прекини и појаки жаришта е голема се до Мукос, над Богомила.
Пожар има и кај селото Небрегово во општина Долнени каде гори нискостеблеста шума, како и кај селото Гостиражни. Се работи за префрлен пожар од селото Богомила.
Според информациите на ЦУК, под контрола се седум пожари кои се настојува да се доведат во фаза на локализирање. Изгаснати се 15 пожари на отворено.