ВИДЕО: Се спрема бунт во „Алфа ТВ“, новинарите одбиваат да го потпишат новиот договор

Од:

Бунт и незадоволство владее кај вработените во националната телевизија „Алфа ТВ“ откако раководството на телевизија одлучи да направи промена во договорите на вработените. Менаџментот ги притиска вработените да потпишат договори со кои се согласуваат неопределеното работно време да им биде заменето со договори за определено работно време на 3 месеци.

Оваа одлука влеа страв и загриженост кај вработените за нивните работни места. Според информации на „А1он“, голем дел од вработените нема да се согласат за промена на работниот договор. Во однос на тоа, во Законот за работни односи член 28-а став 4 се вели дека измени на договорот за вработување можат да бидат извршени само доколку и двете страни се договорат за тоа.

-Заради максимална искористеност на капацитетите и подобрување на работниот процес и медиумски услуги во „Алфа ТВ“ ДООЕЛ Скопје, на сите работници вработени во телевизијата на неопределено работно време им се трансформира работниот однос од неопределено време во определено, со времетраење од 3 месеци, сметано од денот на потпишување на новите договори за вработување, стои во одлуката потпишана од новоименуваниот управител на Телевизијата, Васко Ефтов.

Синдикалниот претставник на вработените од „Алфа ТВ“, Сашо Мисајловски, за „А1он“ вели дека е напната и непријатна моменталната ситуација во телевизијата по што истакна дека ќе биде побарана средба со менаџментот и доколку не биде повлечена одлуката, целата ситуација ќе се радикализира.

-Напнато е и не е баш пријатно. Поединечни договори сè уште не се направени, ќе преговараме со менаџментот, но доколку не се најде никаква солуција, ситуацијата ќе се радикализира и ќе следи состанок со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на кој ќе се одлучува што понатаму, вели Мисајловски.

Тој истакна дека имал веќе една средба со новиот управител на Алфа, Васко Ефтов, на која тој му кажал дека проблемот всушност го наследил, односно оваа одлука била донесена и пред неговото стапување на функција.

-Имав веќе еден разговор со Ефтов, но средбата повеќе беше за запознавање, тој само ми кажа дека проблемот го наследил, односно дека датира уште пред неговото назначување за директор. Денеска тој не е тука, ќе се обидеме да закажеме состанок за некој од наредните денови. Мислам дека политиката на менаџментот не е да ги избрка вработените, туку само да ги држи на краток синџир бидејќи со договор за определено работно време само од менаџментот зависи дали вработениот ќе остане на работа или не, вели Мисајловски за „А1он“.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е известен за овој случај од страна на вработените во телевизијата кои се исплашени и загрижени за своите работни места. Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, за „А1он“ вели дека станува збор за еден манир кој бил присутен од порано во други телевизии диктиран од, како што кажа, поранешниот режим кој одел на варијанта да ги скратува работничките права на медиумските работници со цел тие да бидат на кратко јаже и лесно да бидат изложени на притисок и манипулации.

-Одлуката е незаконска и неоснована, ние го алармиравме трудовиот инспекторат, очекуваме тој да реагира и да ја прогласи за ништовна оваа одлука бидејќи станува збор за потег кој со ништо не е оправдан ниту аргументиран освен со волјата на потписникот на одлуката, вели Чаусидис по што додаде дека вработените во телевизијата се изложени на притисок и на неизвесност што ќе се случи понатаму со нив бидејќи, според неа, ваквите понуди одат со закана за отказ.

-Синдикатот ги уверува дека ќе преземеме сè што е во наша моќ да ја оспориме оваа одлука и да ја задржиме ситуацијата во „Алфа“, која е еден од ретките медиуми во кој вработените се на неопределено работно време, вели Чаусидис.

„Алфа“ телевизија заедно со „Република“ и „Курир“ неодамна беа во фокусот на вниманието поради промената на сопствеништвото каде се појавуваат лица од Унгарија. Со ова настапува сомнежот дека трите медиуми кои ја бранеа политиката на ВМРО-ДПМНЕ со државни финансии додека партијата беше на власт сега го прават истото само преку унгарските сопственици.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

СДСМ: Дали „Алфа“ со лажни вести и конструкции одработува за да се прикрие поделеноста во ВМРО-ДПМНЕ?

Наум Локоски

Отворено писмо до Заев: Овозможете повторување на судењето за случајот „Алфа“

Наум Локоски

Алфа ТВ: Не се бркаат неподобни новинари

Ана Ололовска

Синдикатот со забелешки за колективните откази во Алфа

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Арсиќ: Новите газди создадоа превработеност во АЛФА ТВ, па сега бркаат

Емир Латифовиќ

Синдикатот против отпуштање новинари од Алфа, раководството не попушта

Ана Ололовска