Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави нов институционален чекор за, како што рече, „одбрана на државата“ од планираниот прием на мигранти. По петицијата што партијата веќе ја започна, следува и парламентарна иницијатива.
„После оваа петиција, ќе излеземе во Собранието и ќе бараме изгласување Резолуција за ова да го запреме. Тоа ќе биде вториот чекор,“ изјави Филипче.
Тој посочи дека Македонија, која се соочува со сериозна финансиска криза, нема капацитет да поднесе дополнителен товар.
„Дали Македонија, земја која не може да исплати плати и да одржи базичен ред дома, може да се справи со наплив на мигранти? Дали економски ова може да се издржи? Одговорите сите ги знаеме,“ рече тој, повикувајќи ги пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат Резолуцијата и „да избегнеме празни изговори и препукувања“.
Филипче предупреди дека доколку документот не добие поддршка, СДСМ ќе продолжи со други демократски механизми, меѓу кои и организирање масовен граѓански протест.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати Резолуцијата, ќе бидеме приморани да продолжиме со сите демократски средства. Едно од нив е голем народен протест за блокирање на процесот за носење мигранти во Македонија. Борбата нема да застане – ова е борба за Македонија,“ нагласи тој.
„Договор за мигрантите постои – врзан е со кредит од шест милијарди евра“
На прес-конференцијата Филипче повторно тврдеше дека Владата е веќе обврзана да прифати мигранти и дека договорот е поврзан со големиот кредит од шест милијарди евра.
„Повеќе од очигледно е дека договор има. ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милијарди евра. Буџетот е пробиен – има една милијарда евра недостаток до крајот на годината,“ рече тој.
Според него, Македонија нема институционален, ниту економски капацитет за дополнителни обврски.
Филипче потсети дека Албанија и Косово веќе прифатиле мигранти од Британија и Италија и дека Албанија веќе има примено групи донесени со воен брод.
„Ако во регионот Албанија и Косово веќе се вклучени, јасно е која би била третата земја што не е членка на ЕУ – тоа е Македонија,“ посочи тој.
Лидерот на СДСМ повтори дека власта на ВМРО-ДПМНЕ подготвува пролетни избори, со цел, како што рече, „да ги сокрие мигрантските договори кои се водат зад затворени врати“.
„Ако се планираат избори на пролет, тоа значи дека мигрантите се веќе договорени, а за возврат треба да добијат пари,“ рече Филипче, додавајќи дека и изјавите на премиерот Мицкоски „го потврдуваат сценариото“.
„Мицкоски вели дека додека има мандат, нема да има шатори. Тоа може да значи само две работи: или се планира втор мандат по изборите, или нема да има шатори – но ќе има социјални станови,“ изјави тој.
Филипче го спореди случајот со мигрантите со проектот за литиум во Србија.
„Сценариото е исто како со литиумот на Вучиќ. Сè е ‘copy-paste’ – истата препишувачка школа на Мицкоски,“ додаде тој.
