Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска се пожали на сериозни уцени до членството на нејзината партија од ВМРО-ДПМНЕ да преминат во дoвчерашниот коалиционен партнер.
Вели дека е разочарана од постаките на ВМРО-ДПМНЕ, а и не очекувала вакви методи од владеачката партија.
„Длабоко сум разочарана од стратегијата што довчерашниот партнер ВМРО-ДПМНЕ ја применува во овие два дена пред и по Централниот одбор на ДОМ на која ја донесовме одлуката за излегување од коалицијата. Високи партиски и државни функционери од ВМРО-ДПМНЕ вршат нечовечки притисоци и уценуваат членови на ДОМ за да преминат кај нив. За ова имаме писмени изјави со имињата на уценувачите за кои во даден момент ќе покренеме судски постапки за уцена, мобинг и загрозување на личниот имот. Најголем дел од уценуваните гордо ги отфрлиле понудите и заканите. Неколкумина подлегнале, уценети со егзистенцијата на цели семејства или нивен бизнис“, изјави Поповска.
„Разочарува тоа што во служба на оваа нечовечка кампања се ставиле тројца раководители од ДОМ од користољубиви причини, па застанале пред група луѓе од ВМРО лажно претставувајќи ги како членови од ДОМ. Комичен елемент во сето ова е што спомнуваат општински организации кои дадоа недвосмислена поддршка за одлуката на Централниот одбор, како и општински организации што воопшто не постојат.Мотивите за излегување на ДОМ од коалицијата се токму грижата за Македонија и желбата да се спречи натамошна дестабилизација. Сметаме дека со нашиот потег ДОМ ќе помогне да се случат редица политички потези кои ќе водат кон мирна разврска на кризата низ предвремени избори на кои ќе се канализира револтот на граѓаните“, изјави Поповска.
Инаку на последните парламентарни избори Лилјана Поповска и ДОМ беа дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во изборната единица еден беше поставена на високото второ место или одма зад носителот на листата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Б.С.