ДОМ денеска е стабилна партија и поради тоа спокојна ми е душата, порача пред одржувањето на четвртиот конгрес на партијата, претседателката Лилјана Поповска. Денес членовите на ДОМ ќе гласаат за избор на нов претседател откако Поповска најави повлекување, а единствен кандидат е Маја Морачанин. Вели дека трите мандати во кои беше претседателка на ДОМ биле сосема доволни за партијата да стане стабилна, а се повлекува за да даде можност на следните генерации.
„Во политика не се влегува ниту за да ти биде убаво ниту пак се бега ако си изморен. Во политиката остануваш затоа што имаш внатрешен порив да завршиш нешто, да направиш нешто добро за земјата, меѓутоа трет мандат е доволно. И минатиот мандат ќе се повлечев, така разговаравме меѓутоа беа многу турбулентни времиња ако се сеќавате пред четири години, беше започната политичката криза и ДОМ беше започнат со излегување од тогашната коалиција, така што едноставно требаше да се нафатам за да ја извлечеме партијата во што подобра состојба. Денеска ние како ДОМ сме со удвоен број пратеници, двајца пратеници во Парламентот, со удвоен број советници во многу значајни урбани и рурални места низ Македонија, со многу зајакната структура и со полноправно членство во европските зелени. Што повеќе човек да посака? Три мандати е сосем доволно. Ова е природен тек на нештата и мислам дека е време да се даде можност за следните генерации за да не се создаваат генерациски јазови“, рече Поповска.
Најави дека ДОМ продолжува со борбата за зелените вредности нагласувајќи дека тоа не е само еколошка борба туку и борба за демократија, човекови права, еднакви можности и недискриминација оти само во такво општество е можна борба за животната средина.
„ Ние на овој конгрес одиме со една возбуда, со една радост, една гордост, затоа што успеавме да направиме еден цел циклус од иницијатива на партијата, пред 12,5 години, преку формирање на структура, преку идеолошко профилирање до влез во европските зелени како полноправен член. Горда сум што го изодев овој пат заедно со моите колеги, затоа што верувавме во зелените вредности, затоа што имавме сила да се бориме со сите бури кои наидуваа на патот и да излеземе и понатаму како една партија која што е автентичен политички субјект со автентичен идеолошки профил, која што знае зошто постои и која што знае за што се бори“, рече Поповска.
Таа посака мирни времиња за Македонија на патот кон ЕУ и повика на спојување и сплотување по разни основи за заедно да се насочиме кон евроинтеграциските процеси кои се иднината на земјата.
Четвртиот конгрес на ДОМ, на кој се очекува Маја Морачанин да биде избрана за претседателка на партијата е во тек.
Маја Илиевска-Пачемска