Голема редица на граѓани со билет во рака уште пред девет часот изутрина нестрпливо чекаа да ги наполнат кесите и торбите со храна и да заминат дома.
Наместо да појадуваат на поставените маси на Камениот мост и мостот „Око“, тие ги предаваа картите, го земаа појадокот и заминуваа, по што мостовите останаа полупразни. Оние кои одлучија да останат, појадуваа со инструментална музика на АБА и Пинк Пантер, а многумина немо набљудуваа од страна во надеж дека без билет или со партиска членска книшка ќе можат да добијат една порција.
„Појадокот на мост“ наместо да ја исполни целта-дружење, сепак под влијание на сиромаштијата манифестацијата ја претвори и годинава во прехранување. Сепак, дел од граѓаните изјавија дека не се дојдени за јадење и пиење, туку за дружба со пријателите. Повеќето, кои и годинава носеа полни торби накај дома, се пожалија дека е послаба организацијата на „Појадокот на мост“.
– Многу е слаб појадокот годинава, некако минатата година како да беше побогато – изјави еден незадоволен граѓанин.
– Прв пат сум тука, убаво е организирано, дојдов тука поради дружбата со пријателите, не ни е битна храната – изјави друг присутен на настанот.
Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, се обрати пред насобраната толпа луѓе и ги повика да се обединат и да се дружат меѓу себе.
– Ако еднаш седнете со човек на маса, ќе бидете постојано пријател со тој човек – изјави Трајановски.
На годинешниот „Појадок на мост“ присуствуаа околу 2.500 граѓани, од кои повеќето веднаш заминаа откако ги наполнија торбите.
Петар Клинчарски