Шведскиот амбасадор Матс Стефансон деновиве е мета на провладините медиуми поради инетрвјуто за Макфакс во кое вели дека граѓаните во Македонија гласале за промени. Пропагандните текстови деновиве засилено пишуваат дека средбите на амбасадорите на Шведска и Холандија со СДСМ и ДУИ се „скандалозни“ и прашуваат чии стратегии бранат овие амбасадори и велат дека нивните ставови за реформите кои се наведени во извештаите на Прибе и Европската Комисија се идентични со оние на Зоран Заев, иако сите партии се согласија дека истите треба да се имплементираат.
Аналитичарите сметаат дека овие напади се со цел да се замолчат амбасадорите и да се цензурираат нивните активности во овој период, кога треба да се помогне за креирање на агенда на новата Влада.
– Бидејќи тие испратија јасни пораки што очекуваат, а тоа се впрочем и очекувањата на граѓаните кои во огромна мера гласаа за промени да се направи една агенда која ќе овозможи реформи и промени. Бидејќи амбасадорите јавно тоа го кажаа, а секако тоа не и оди во прилог на власта која инсистира на хаос и на тоа само партиските луѓе да владејат со институциите, од претседател па се до судство, мислам дека тој систем е загрозен со изјавите на амбасадорите и со сегашната ситуација на нејасно мнозинство или можноста да се формира мнозинство кое го исклучува ВМРО-ДПМНЕ. Таквата ситуација доведува до овие реакции бидејќи тие сосема неразумно ги обвинуваат амбасадорите за ситуацијата во Македонија, која се должи на неодговорното однесување на политичарите, а не последица на делувањето на било која амбасада, рече за А1он Бојан Маричиќ од Македонски центар за европско образование.
Според него, нападите се примитивни и неразумни. Вели, ВМРО-ДПМНЕ сега се обидува да ги обвини сите за нивниот изборен резултат
– Објаснувањата кон своите луѓе пред се е дека амбасадорите се виновни за се и дека тие се виновни ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира Влада. Неразумно е да се третираат амбасадорите, особено на пријателски земји на еден таков начин особено што власта не покажа капацитет да менаџира кризи, да организира преговори, да постигнува политички договори, да ги имплементира договорите и да понуди реален излез за кризата. Покажавме дека политичкиот систем не може да функционира без посредништво од меѓународната заедница. После целиот сет на преговори, сега по избори тие да кажат веќе не дозволуваме странско присуство е надвор од умот, истакна Маричиќ.
Тој вели дека бидејќи постапките на Ѓорге Иванов покажуваат дека тој и Никола Груевски не се во состојба да ја решат кризата, тие немаат право да ја критикуваат меѓународната заедница.
– Тие луѓе кои ја критикуваат меѓународната заедница имаат најмалку право за тоа, бидејќи нивното однесување доведе до потребата меѓународните фактори да се вмешаат во внатрешните работи и да организираат преговори со кои ќе ги доведат политичките актери до некакво решение за кризата. Меѓунардоната заедница има посеба одговорност за стабилноста и напредокот во Македонија, рече за А1он Маричиќ.
Оркестрираните напади кон амбасадорите почнаа со прогласот на Никола Груевски пред насобраните приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ. Провладините медиуми со месеци шират пропаганда против Бејли, а деновиве најгласно се зборува против амбасадорите на Шведска и Холандија. Иако тие ги напаѓаат амбасадорите, се чини дека забораваат оти за секоја нивна изјава, тие најпрво се консултираат со матичната земја и изјавите не се нивни ставови. На социјалните мрежи излегоа и некролози од речиси сите амбасадори, но по реакциите на меѓународната заедница, истите беа повлечени.
Александар Тодески