Плафон од тоалет ноќеска по полноќ паднал во студентскиот дом „Стив Наумов” во Скопје. Студент кој престојувал во собата, во која се наоѓал тоалетот преграден со гипс картон, вели дека ова не е прв ваков случај, а заедно со неговите цимери стравува дека доколку не се реагира може некој да настрада. Во моментот кога паднал плафонот имало тројца студенти.
„На спиење, ноќеска околу 2 часот по полноќ, падна плафонот кој е граден од трска. Така се правени сите плафони. Гипс, трски и вода не може да издржи, оти од пареата кондензира и по три години паѓа. Ова го знае секој, а никој не презема активнсти за да се превенира на време”, вели студент од домот за „А1он“.
На прашање, како им се гарантира безбедноста во домот, доколку конструкцијата на плафоните попушта, студентот вели „Се е оставено на господ“.
Откако се случил инцидентот, службите од домот ги запреле вентилите, бидејќи од подот биле скинати цревата за вода од чешмите. Утрово пак, двајца хаус мајстори ја расчистиле водата, ја промениле санитаријата и ветиле дека до утре тоалетот ќе биде саниран.
Студентите од домот „Стив Наумов“ повикуваат што побрзо да се реши овој проблем, бидејќи истиот се провлекува и продлабочува низ годините.
Кристијан Ландов