Впечатокот дека се случува хаос во Министерството за внатрешни работи е резултат на избрзаните телеграми од министерот Чулев, вели неговата заменичка Славјанка Петровска во интервју за „А1он“, додавајќи дека ситуацијата е изменаџирана, но последиците не се санирани. Петровска потенцираше дека неопходна била анализа на телеграмите, пред да бидат испратени за спроведување. За неа е спорно и дали воопшто Чулев може без основ, и со една наредба да укинува низа наредби од неговиот претходник.
„Успеавме непријатната ситуација да ја изменаџираме, односно граѓаните да се чувствуваат мирни и безбедни. Но, тоа не значи дека е разрешена дилемата за тоа што со последиците од таквата негова одлука, која е предмет на договорање и усогласување и овие денови, односно е отворено прашање. За ваквото однесување, кое го сметам за несовесно, треба да се добие правна разрешница. МВР не може да функционира на база на ад хок телеграми кои се издаваат преку ноќ, постојат акти и закони кои уредуваат како треба министерството да функционира“, вели Петровска.
Опозицијата треба да ги анализира преземените чекори на Чулев, како негови предлагачи за технички министер, смета Петровска. Таа вели дека нема дилема дека доколку постои злоупотреба во МВР, одговорност треба да има. Но пред тоа, според неа, таа одговорност треба да се докаже. На прашањето дали МВР може да се претвори во политичка партија, заменичката во МВР вели: „Апсолутно не. Тоа ќе биде погубно пред се за министерството, па и за граѓаните“.
„Секое обвинување можете јавно да го искажете, ама тој што обвинува треба да го докаже. Тука станува збор за изјавата за поврзаноста на криминогени структури со раководството на МВР, за кое кажав, дека ако постојат докази треба да се почне соодветна постапка. За моите тврдења дека се загрозува безбедноста, јас кажав и тоа ќе го докажам во судска постапка“, додава Петровска.
Заменичката на Чулев смета дека техничкиот министер треба да го даде предлогот за решавањето на проблемот со испразнатите места во МВР, бидејќи поради него настанал и проблемот. Прашана дали верува во професионалноста на министерот Чулев, вели: „Имаме време до изборите тоа да го докажеме и двајцата, не сакам прерано да давам квалификации“.
„Ние сме предложени од политички партии. Наше е да не дозволиме партиски влијанија да се преточат во МВР. Гаранција за завршување на отворените случаи и во овој период е јасната поставеност во министерството, односно законите кои ја утврдуваат хиерархијата за управување на полицијата. БЈБ исто така постапува. Од моја страна сигурно нема да има никакви влијанија, очекувам и се надевам дека и министерот нема да има никакви директни влијанија за решавање на овие случаи. Чулев има свој беграунд во безбедносно-разузнавачкиот систем. Се надевам дека Чулев ќе се обиде да се одлепи од политичките влијанија, исто како и јас“, вели дополнителката заменик-минситерка.
Во списокот возила кои Чулев преку телеграма ги барал назад имало и автомобили кои ги користеле во Одделот за организиран криминал, а се неопходни. Петровска вели дека тоа е причината за нејзината реакција и посочи: „Не смее да се дозволи ваков превид“.
За именувањето на началник во СВР Скопје, министерката Петровска вели дека останува на ставот дека лице кое во минатото било дел, односно вршело влијание на изборниот процес и притисоци врз гласачи – не треба и не може да биде дел од тимот кој треба да спроведе фер и демократски избори.
„Со вакво именување, тие кои предлагаат вакви лица, праќаат порака до граѓаните. Одговорноста ја носиме и со тоа какви кадри предлагаме“, посочи Петровска.