И Груевски и Јанкуловска и Јанакиески, сите што правеле криминал, што имаат валкани раце, тие знаат дека ќе одат во затвор и единствена шанса е да одржат избори како што биле и досега. Како што ги фалсификувале изборите до сега да ги фалсификуваат и овие, вели во интервју за А1он лидерот на НСДП, Тито Петковски.
– Затоа не дозволија имплементирање на договорот од Пржино ниту пак прочистување на избирачкиот список. Тој требаше да биде готов до септември, смета Петковски.
Според него, лицемерно е да бараат уште малку време за да се комплетира Избирачкиот список, иако ДИК нема поднесено извештај дека избори може да се одржат, а тие го распуштаат Собранието.
Сметате ли дека оставките на ДУИ се политичка игра помеѓу коалиционите партнери?
– Мислам дека разговорите беа повод, толку пати беа прислушувани разговорите на Муса Џафери и Али Ахмети. Овдека станува збор апсолутно за договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ бидејќи ако гледате, целиот период ДУИ ја игра валканата улога, тој е појасот за спасување на ВМРО-ДПМНЕ. Сите избори досега предвремени се распишани од ДУИ, вели Петковски.
Дали министрите и дополнителните заменици министри од опозицијата се „заложници“?
– Може да се каже дека се заложници, тие играат на варијанта еве ќе ги задржиме во Влада, еве ќе покажеме добра волја пред јавноста, подготвени сме да го одржуваме договорот од Пржино, да правиме компромис, свесни дека по повлекувањето тие не се членови на Влада и нема да одат на Седница на Владата, вели Петковски.
Лидерот на НСДП смета дека во моментот кога ќе дојде првото обвинение од Специјалното јавно обвинителство за Никола Груевски, не би било чудно доколку преку Уставниот суд се поништи и СЈО.
Александар Тодески