(ВИДЕО) Партиите ги бојкотираат изборите, ќе излезе ли Груевски сам на избори?

Од:

Голем број политички партии најавија бојкот на изборите на 24 април, меѓу кои и најголемата опозициска партија, СДСМ заедно со коалиционите партии. Најголемиот дел од партиите сметаат дека за да излезат на избори, мора да се прочисти Избирачкиот список.

Изборите ќе ги бојкотира и Движењето за реформи на ДПА на Зијадин Села, како и албанските партии БЕСА и Унитети. Бојкот најавија и Демократската обнова за Македонија, Партијата за европска интеграција, Партијата за целосна еманципација на Ромите и Левица, а за тоа дали ќе учествува на изборите размислува Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.

Пратеничката и претседателка на Демократската обнова за Македонија, Лилјана Поповска вели дека во ваква дефектна ситуација, ДОМ нема да излезе на избори.

– Се надеваме дека оваа ситуација ќе се промени, ќе се поништи ова распуштање на парламентот кое што беше направено без најголем дел од опозицијата и дека ќе се најде начин да се завршат обврските од договорот во Пржино, односно да се прочисти избирачкиот список до едно пристојно ниво и да се регулира медиумската сфера, се разбира да се направат уште други реформи кои што се изводливи во некој разумен рок со продолжување од два до три месец, рече Поповска.

Според неа, распуштањето на собранието без присуство на најголемата опозициона партија која учествува во договорот во Пржино е знак на ароганција и наметнување на сила. Поповска додаде дека доколку се решат овие проблеми, ДОМ ќе излезе сам на изборите.

Според лидерот на Унитети, Гзим Острени, смешно е оној кој ја формирал Државната изборна комисија да излезе со став дека не верува во неа.

– Ние сме се изјасниле и порано и сега, за фер и демократски избори неопходно е прочистување на Избирачки список. Ако тоа не се направи, би им дозволиле на луѓето од власта да го искористат тоа што го користеле до сега. Унитети нема да учествува на такви избори, вели за А1 Острени.

На избори на 24 април нема да излезе ниту Националната Демократска Преродба.

– За НДП нема избори без решенија. НДП смета дека Македонија во последните 8 години има организирано 4 предвремени парламентарни избори, но решенија се уште не сме имале се до ден денес. Поради ова причина, наивно и неиздржливо е да се мисли на организирање на предвремени парламентарни избори по петти пат, без решавање на проблемите кои ја доведоа земјата до работ на пропаст. Дефинитивно се исполнети условите за решенија, а не за избори, се вели во партиското соопштение.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов објаснува дека таква одлука треба да донесе целата партија.

– Ќе почекаме уште, деновиве треба да се разгледа, рано е за конечна одлука. Во суштина, Демократскиот сојуз инсистира на нов термин за избори, вели Трајанов.

Од БЕСА за А1он велат дека партиите потписнички на договорот од Пржино повеќе требало да се фокусираат на одредбите и обврските на тој договор отколку на одредување на датумот на избори. Според нив, реализацијата на тие обврски ќе го одредуваше неминовно и датумот за одржување на изборите.

– Сега за сега, ние остануваме на ставот дека нема да учествуваме на избори без реализација на овие реформи и измени, но бидејќи има уште време до прогласување на изборите, конечниот став за учество или не, ќе го донесе Централниот совет на Движењето откако ќе видиме што ќе се реализира меѓу време и кога ќе бидат прогласени изборите, велат од БЕСА.

Во меѓувреме, граѓаните на социјалната мрежа Фејсбук имаат основано настан наречен „Нема да гласам за 3-Д изборите на ДуиДпаДпмне на 24ти АПРИЛ 2016та“, а се поголем број граѓани се приклучуваат на истиот.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Го натераа Џо Бајден да стави капа „Трамп 2024“

Единствена Русија прогласи победа на регионалните избори

Кремљ ги отфрли обвинувањата на Вашингтон за мешање во претседателските избори во САД

Бугарија оди на седми избори во последните три години: „Ова е деструктивно“

Горан Наумовски

Подгорица оди на вонредни избори

Нацистички ловец во Франција ги советува Евреите да гласаат за екстремната десница

Горан Наумовски