Министерот за информатичко општество Иво Ивановски дојде на дебата за Законот за медиуми кој досега се чуваше во најголема тајност, но побегна за да не го чуе ставот на новинарите. Не сакаше дури и да ја земе заедничката изјава на новинарските здруженија, меѓу кои и ЗНМ, МИМ, Центарот за развој на медиуми и Синдикатот на новинарите и медиумските работници.
Новинарите револтирани кога влезе министерот ја напуштија салата и ја бојкотираа расправата за Законот за медиуми.
Пред доаѓањето на Штефан Филе во Скопје, власта повторно се обиде да одглуми дијалог со ЗНМ и новинарите и дека заеднички ќе се носи закон за медиуми. За денеска организираше дебата на која беше поканет само ЗНМ но не и другите новинарски асоцијации, ниту новинарите. Сите прашуваат како може дебата кога никој ги нема решенијата за медиумите кои со месеци наназад се подготвуваат зад затворени врати во владата.
ЗНМ, ССНМ, МИМ и Центарот за развој на медиуми и дел од новинарите се револтирани од нетранспарентноста на власта. Во заедничката изјава укаѓуваат дека владата не ги почитува договорите за постигнување на взаемно прифатливи решенија. Затоа бараат владата да го објави законот за медиуми и рокот да го одложи за 3 до 5 месеци, а во меѓувреме да тече сериозна дебата чии заклучоци ќе станат составен дел од законот.