Би сакал да ги поканам сите жители на 4-тата изборна единица и на цела Македонија, а особено жителите на општина Прилеп и соседните општини, од општината Кукуречани, општината Могила, Новаци, Битола да ни се приклучат вечерва тука на плоштадот во 20.30 часот и заеднички да ја затвориме досега најуспешната кампања за ВМРО-ДПМНЕ, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител во изборната единица 4.
– Не случајно тоа го правиме во Прилеп. Затоа што Прилеп е од огромно значење за сите нас, и ќе следи голем инвестициски циклус по завршување на изборите во кој што ќе се решат бројни инфраструктурни прашања во самиот град и во населените места кои што гравитираат кон градот. Градот инфраструктурно ќе се врзе со реална изградба на експресниот пат Прилеп – Градско, а не со монтирани видеа со вештачка интелигенција. Ќе се изгради и автопат од Прилеп до Битола и Меџитлија, пругата ќе стане многу побрза и многу покористена помеѓу Прилеп, Битола и Солун.
Ќе доаѓаат и странски инвестиции, ќе се стимулираат домашните. И многу битно ќе има одговорност за сите што прават криминал и во Прилеп, и во Македонија.
Кампањата помина за нас исклучително успешно. Очекуваме масовна референдумска излезност во среда на осми мај. И ги повикувам сите граѓани да излезат и да гласаат. Потребна е најголема излезност досега за најголема победа за ВМРО-ДПМНЕ, за Христијан Мицкоски премиер, за Гордана Сиљановска Давкова претседател на Македонија и за Влада која што нема никој да ја уценува.
Затоа посакуваме 61 пратеник, а ќе си дозволам еве првпат пред медиумите да кажам што очекувам во 4-тата изборна единица, досега во кампањата тоа не го кажувам експлицитно и очекувам ВМРО-ДПМНЕ да освои најмногу пратеници досега и најмногу гласови досега, а тоа е зависно и од малце среќа и од Донтовата формула да имаме помеѓу 13 – 14 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ – нагласи Николоски.