Видео надзор во училиштата за превенција од инциденти

Од:

Зголемениот број инциденти помеѓу младите во училиштата ја отвори дебатата кај надзорните органи за заштита на личните податоци и за тоа која е придобивката од користењето на видео надзорот во училиштата и дали неговото користење можеби во дадени ситуации ќе доведе до преминување на границата и нарушување на приватноста на учениците, наставниците, професорите.

Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) во следните три дена организира работилници за директорите на училиштата, наставниците и професорите за да ги запознае со законските обврски, правилниците и постапката за воведување видео надзор и снимање.

Во Законот за заштита на личните податоци точно се предвидени местата каде што е забрането вршењето видео надзор. Тоа се гардеробите, соблекувални, санитарни чворови, лифтови и други слични простории. Експеритет од ДЗЛП денеска им посочија на учесниците на првата работилница, дека исто така видео надзорот е непотребен во наставничките канцеларии, во училниците и слично.

Како што истакна инспектор Билјана Волческа, секое училиште кое планира да инсталира систем за видео надзор претходно треба да подготви анализа за инцидентите кои претходно се случиле, на кој простор се случиле, кој простор од училиштето е потенцијално опасен (на пример лабораториите каде се прават експерименти по предметот хемија), до кој простории имаат пристап овластените лица, односно вработените, а каде немаат пристап учениците.

Еден од клучните аспекти, на кои се посочи, е местополжбата на камерите и нивните технички параметри. Бројот на камерите кои ќе се инсталираат секако зависи од големината на просторт на контролорот, од нивото на сигурност кое се сака да се постигне. Се препорачува камерите од еден систем за видео надзор да се од ист вид што обезбедува ефикасно функционирање на системот.

Се предупредува дека бројот на поставените камери ако е непропорционален со целите заради кои системот за видео надзор бил првично инсталиран, можноста за повреда на правото на приватност е поголема, па затоа препораката е да се инсталира онолкав број камери што ќе ја обезбедат потребната заштита на просторот. Исто така експертите наведуваат дека треба да се одреди времето кога видео надзорот ќе биде активен.

Училиштето задолжително треба да ги извести вработените за вршење на видео надзорот во службени или деловни простории. Пристап до снимените материјали од видео надзорот не може да има секој вработен во училиштето туку само ограничен број овластени лица, кои ќе имаат потпишано изјави за тајност и заштита на личните податоци.

Меѓународните прописи за заштита на личните податоци и Законот за заштита на личните податоци јасно укажуваат на тоа дека секој контролор, во случајов училиштето, може да врши видео надзор во службени или деловни простории ако тоа е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории.

Во Основното училиште „Григор Прличев“ во населба Железара видео надзорот со алармен систем е поставен пред повеќе од една година поради неколку големи кражби, обивања и нарушувања на сопственоста.

– Тоа го направивме првенствено заради безбедносни причини значи заштита на сопственоста на објектот затоа што имавме за многу краток период неколку големи кражби, обивања и нарушувања, како обиени врати во канцеларија, големи кражби на ЛЦД проектори, компјутерска опрема. Не сме во можност да најмиме чуварска служба така што едно од решенијата беше ова. Можам да кажам дека од тогаш наваму нема направено никаква кражба, никаков проблем, изјави директорката на училиштето Сузана Танева.

Вели дека во однос на видео надзорот, во училиштето е законски постапено, но дека треба дополнително да изготват анализа за потребата, правилник и одговорните да потпишат изјави.

– На дело се вклучуваме во законската рамка, не се контролираат училници, наставнички канцеларии, гардероби, тоалети, однесувањето на наставниците. Но делот кај што е документацијата писмена анализа, правилник, писмени изјави, тој дел го немаме, изјави Танева.

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска