(ВИДЕО) Молк на институциите по случајот во Аеродром: Секој ден е кобен за браќата и станарите

Од:

Институциите и натаму не постапуваат по пријавите на станарите од зградата во Аеродром, а браќата Дарко и Томислав од станот со број 14 секојдневно се борат да преживеат и секоја минута е кобна и за нив и за соседите.

И по објавувањето на деталите на оваа приказна од страна на „А1он“, а која со години се провлекува пред очите на надлежните, нештата не се помрднуваат од мртва точка.

Соседот под нивниот стан кому плафонот му се поплавил со фекалии, повикал градежна фирма, која некако успеала да го санира проблемот. Мајсторите едвај работеле бидејќи во станот е исклучена и струјата.

Едниот од браќата, Дарко, кој немоќен вели дека би сакал да се решат проблемите, помагал во поправката.

Дарко апелира дека му треба помош, не може да го плати долгот за струја, нема храна и покуќнина и нема минимални услови за да може да најде работа и нештата да тргнат на подобро. Тој вели дека со социјалната помош од 3.500 денари не може да се грижи ни за самиот себе, а уште помалку за брат му Томислав, кому му е потребна и медицинска помош. Сепак, комисијата при социјалниот центар утврдила дека Дарко може да се грижи за Томислав.

Законските одредби и оние за кои е надлежен Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, но и Законот за домувањето, не се почитувани и на тој начин се замижува пред очигледните проблеми.

Ако се анализираат постојните закони, во овој случај е потребен протокол за интерсекторска соработка или би се постапувало и по Законот за заедничкото домување, но и по Законот за грижа на возрасните и старите лица.

Од Министерството за труд и социјална политика и Меѓуопштиснкиот центар за социјална работа не одговараат на дописите од нашата редакција. Велат дека последниов период нема никаква координација во Министерството.

Инаку, по многуте кривични пријави по инцидентите што ги предизвикале браќата, треба да постапи Основниот суд 2 и оттаму да направат вештачење за менталната состојба во која се наоѓа Томислав.

Колку за споредба, вакви и слични случаи во Холандија за лица што направиле далеку подрастични криминални дејства се земаат предвид финансиската, емоционалната и социјалната состојба на осудениците и државата презема мерки за ресоцијализација и рехабилитација, под педантна контрола на надлежните служби од интердисциплинарен карактер.

„Работиме на две главни цели: прво, да спречиме ново дело, а второ, да помогнеме за психолошкото страдање и социјалните проблеми што ги носат овие луѓе“, вели форензичкиот психијатар кој им помага на вакви осуденици во Холандија. „Не третираме само луѓе со депресија, имаме луѓе што се сериозни психолошки ранети, аутисти, имаат тешки проблеми со учењето или нарушување на личноста, често во комбинација со зависности, финансиски проблеми и слично“, вели тој.

Очигледно кај нас ваква интерсекторска соработка и објективна процена на состојбите и постапување по нив нема ниту во превенцијата ниту во решенијата.

Би можело да ве интересира

Ристески: Цели 3 години ВМРО ДПМНЕ во Аеродром потроши на лаги, изговори и празни ветувања

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го укина бесплатното пливање за првачињата и децата со попреченост во Аеродром

Левица: ДПМНЕ шверцерски протна две нови висококатници во Аеродром

Обид за убиство во Аеродром, двајца насилници раниле познаник

СДСМ: Ништо од ветената модернизација на училиштата во Аеродром

Лажна дојава за бомба предизвика паника во аеродромските згради во Кошице и Попрад

Горан Наумовски