Незаконското однесување на членовите на антикорупциската комисија поврзан со скандалот кој го откри Управата за јавни приходи е последица на воспоставената пракса на незаконско трошење на народните пари и на неказнивоста во однос на тоа, рече експертката за антикорупција, Вања Михајлова, по што додаде деа фрапантно е тоа што УЈП и порано констатирала ваква повреда на правото но, тоа беше сокриено од јавноста ниту пак некој покрена постапка за одговорност.
-Јавноста беше известена за скандалот откриен од УЈП за незконско работење на членовите на комисијата за антикорупција кои треба да превенираат од коруптивни случаи. Пет члена си дадоа оставка од комисијата, додека пак кај останатите 2 не проработе совеста, срамот и моралот, имаме блокирана комисија и нејзината стручна служба, вели Михајлова.
Во однос на реформите во антикорупциската комисија, Михајлова стави акцент на потребата од кадровско зајакнување, како и зајакнување на критериумите за избор на членови на антикорупциската комисија. Според неа потребно е да се промени и самиот назив, наместо комисија да биде агенција за спречување на корупција.
-Од составот на комисијата зависи колку таа ќе биде независна, треба да се надмине досегашната практика на именување на анонимни членови кои што немаат ниту познавања ниту пак кредибилитет за вршење на оваа јавна функција. Во одреден момент беа именувани и членови кои што не ги исполнуваат основните критериуми во однос на бараниот степен на образование, вели Михајлова.
Поранешниот член на ДКСК исто така препорачува бројот на членови да се намали на 5, со тоа смета дека ќе се заштедат буџетски пари, а од друга страна нема негативно да влијае на работата на комисијата бидејќи, како што кажа, доколку ги изберете членовите на комисијата кои што имаат професионален капацитет, комисијата многу ефикасно ќе ја извршува функцијата.
-Со цел да се зголеми транспаретноста во изборот на членовите бидејќи јавноста мора да биде запознаена при изборот каде треба да се бираат луѓе кои имаат капацитет и познавање во областа, предлагаме да се спроведе јавно интервју со секој од кандидатите, а како мониторинг да бидат етаблирани претставници на невладиниот сектор кои се борат против корупцијата и новинари кои се бават со истражувачко новинарство, вели Михајлова по што додаде дека неприфатливо е опозицијата да предлага претседател на комисијата бидејќи со тоа уште од почеток ќе се гледа како партиски човек.
Виктор Јованов