(ВИДЕО) Мицкоски: Да се избориме за правда за Македонија, вашиот глас може да донесе подобри времиња

Од:

„Беше септември 91-та година, кај секој од вас радост затоа што конечно ние Македонците се изборивме за своите правдини, за своја држава, име, своја армија, знаме. Институции кои сами можеме да ги развиваме, за чест која од нас зависи. Радост дека сите ние можеме да бидеме свои на своето, генерации ќе се образуваат во наши институции, ќе имаме свое здравство кое ќе биде квалитетно.

Нотите и текстот на Меморија се слушаа на скопскиот плоштад „Таму кај што вечно сонце сјае таму е Македонија народ и земја што ги сакам јас” стихови на голема надеж и желба да се биде свој на своето“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„28 години потоа, остана многу малку од тој ентузијазам, многу малку од луѓето денес се среќни и задоволни од она што го имаме. Поминав преку 13 илјади километри од почетокот на кампањата. Се сретнав со многу наши сограѓани, разговаравме за нивните проблеми, за она што ги мачи, тишти. Слушав и за критиките кон оваа власт, но и за работата на претходните, и јас како човек не се срамам да се извинам за грешките од минатото, за кои сум сигурен дека ги имало, но и да понудиме решенија заедно со граѓаните за иднината на нашата татковина. Ние се бориме за поразлична слика за македонскиот политичар.

Сакам да се обратам на разочараните, потиштените и обесхрабрените. Тоа е чувство кое е оправдано по изневерените очекувања, жицата која ја скинаа, името, идентитетот, уништениот стандард, измамата дека ќе ја донеселе Европа а ние сме блескале секаде низ Светот, 500 евра плата, 500 км автопатишта, чистиот воздух, животот кој стана пекол, тендерите, непотизмот, прогонот и неправдата која стана секојдневие. Патриотите кои ги направија терористи. Но, и родителите од Смилковско кои ги разочараа, децата кои гинат на градскиот асфалт. Сиромаштијата која стега. Неправда. Црна неправда. Но, и бранителите што ги заборавија. Чувството за разочараност е оправдано, но седејќи така на страна да не ги оправдаме тие кои ова ни го донесоа. Вашиот глас е решението. Излезете и гласајте. Иако ситуацијата е сложена, изборот е едноставен. Или сте задоволни со вашето секојдневие, одобрувате и се согласувате како работи оваа власт, или ќе ја казните, ќе бидете на страна на правдата и новата надеж која доаѓа за Македонија. Добро знаете дека како што ништо не бива од животот кој го ветуваа, нема ништо да биде ниту од метлата која сега ја најавуваат.

Ќе се обратам и до оние кои се заговорници на бојкотот. Знаете дека Македонија е во прашање. Ова не е само моја, или битка само на ВМРО-ДПМНЕ, ова е битка на секој еден човек, за неговото достоинство и чест. И можеби со нас имате многу причини да имаме различни погледи и ставови, но нас не обединува борбата за Македонија, борбата за татковината. Затоа не му помагајте на Заев со бојкотот, не ги продолжувајте месеците на клинички живот на оваа власт. Ајде да ги собориме. Излезете и гласајте за нашата земја.

Знам дека има притисоци и кон државната администрација. Заев се закани дека ќе бркал од работата. Но, секој од вас, секој од вас знае дека само слаб човек се заканува. Немојте да бидете вознемирени и не потклекнувајте на заканите. Работите брзо ќе се сменат, а секоја неправда врз вас, секое неоправдано уназадување или бркање од работа ќе биде исправено. А ќе има и одговорност на оние кои нанесуваат неправда. Тоа ви го ветувам. Излезете и гласајте.

Да чекориме сигурно, европски, еден со друг. Гордана Сиљановска Давкова е изборот. Гласот за нејзе е глас за честит човек, жена со кредибилитет. Имаме шанса претседателка да биде, чувар на интересите на Република Македонија и секој нејзин човек. Вашиот глас во политиката. Таа е шансата за пораз на неправдите и победа на правдата. А јас ви ветувам, ви ветувам дека ќе го дадам и последниот атом од енергијата, беспоштедна работа да ја смениме сликата за разочарана, потиштена Македонија. Да се избориме за сигурност, развој, и честитост. За стаменита и вистински интегрирана држава. За правда за Македонија. Правда за секој човек. Вие одлучувате, вашиот глас може да донесе подобри времиња“, изјави Христијан Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар