Скапите консултантски услуги што ги плаќаат земјоделците од септември ќе се сведат на нула денари. За подготовка на бизнис-план и апликација за разни фондови, младите земјоделци воопшто нема да плаќаат оти C. R. E. A. M. – Алијанса Македонија услугите ќе им ги понуди бесплатно во рамките на проектот „Европски млад земјоделец“, поддржан од Европската комисија. Од Алијансата најавуваат земјоделска револуција во Македонија со интерактивна веб-платформа за што веќе се организираат семинари и обуки. Проектот ги обединува младите земјоделци од Македонија, Србија и од Бугарија, како земја-членка на ЕУ, која треба да ги пренесе досегашните искуства. Викендов во Софија, Бугарија, се одржа втората конференција за овој проект.
„Основна цел беше да ги скратиме бирократските процедури со трошење огромни пари за консултантски услуги кај младите потенцијални кандидати во земјоделството. Ние денес кооперативно се договоривме со нашите партнери за целта на овој проект, изработката на веб–платформа, која ќе им биде достапна на сите потенцијални млади земјоделци, кои ќе ја имаат во корист на своите бизнис-планови, при што нивниот трошок ќе биде нула денари. Веб-платформата ќе биде бесплатна, ќе ѝ биде достапна на целата Европска Унија, ќе ѝ биде достапна на нашата држава, како и на соседните држави од Балканскиот Регион. Веб-платформата ќе има прв, основен дел – информативен во поглед на земјоделството, а вториот и најбитен дел е креирање генерирани податоци, каде што самите млади потенцијални земјоделци својата идеја може да ја спроведат преку својот бизнис-план“, рече Зоран Лазаревски, претседател на C. R. E. A. M. – Алијанса Македонија.
Дел од веб-платформата ќе биде пуштена во употреба во текот на следниот месец, а во септември се очекува да биде комплетирана и да им ги понуди сите планирани услуги на младите земјоделци.
Зоран Јелиќ, претседател на C. R. E. A. M. – Алијанса ЕУ, на конференцијата во Софија рече дека сите три земји учеснички во проектот имаат огромни потенцијали за развој на земјоделството, но недостига визија за иднината.
„Од моја гледна точка, најважна работа е да има позитивна слика за иднината затоа што на некој начин, за жал, локалната самоуправа повеќе зборува за проблеми отколку за визии, позитивни визии. Според моето мислење, ова е правата работа – да им се даде на младите земјоделци позитивна слика за иднината. Од друга страна, многу е важна соработката – работењето заедно, размената на информации, размената на знаења и особено дигиталната трансформација на земјите е многу важна и може да го поддржи овој процес. Јас сум оптимист бидејќи најважно е што има огромен потенцијал на природни ресурси овде, пазарот е исто така тука и затоа гледам многу можности. Младите земјоделци сега мислам дека се најважните личности бидејќи храната и безбедноста на храната особено се главни теми на Европската Унија“, рече Јелиќ.
Во својство на акцелератори тие најавуваат дека ќе им помагаат на младите земјоделци во подготовка на бизнис-планови, ќе им помагаат да аплицираат за грантови, да најдат партнери за бизнисите и да најдат финансиски извори.
„Ние сме како олеснувачи, го забрзуваме процесот. Нашата порака е дека земјоделците не се сами. Од оваа гледна точка имаме многу разни извори, разни знаења, разни партнери и би рекле само направете го тоа, работете заедно“, повика Јелиќ.
На конференцијата викендов во Софија челновите на Алијансата договорија во септември бугарските фармери што користеле европски пари да ги споделат искуствата со заинтересираните земјоделци од Македонија и Србија за да не ги повторат истите грешки при искористување на програмите и фондовите што им стојат на располагање.