Облечени во бело, со транспарент „Сребреница – Совеста на светот“, граѓани, најмногу припадници на Бошњачката заедница во Македонија, денеска, по повод 19 години од геноцидот во Сребреница, тргнаа од Мурат – пашината џамија во Скопје и симболично, до средината на Камениот мост – го изодеа Маршот на мирот.
– Трет пат го обележуваме овој тежок и тажен ден, особено за припадниците на бошњачкиот народ. На овој ден се случи злосторство кога беа убиени невини луѓе на најстрашен начин. Нашата болка е голема до небо, особено ни се тешки овие денови во светиот месец Рамазан, но Сребреница мора да ја обележуваме. Таа не смее да се заборави, не заради тоа што некој сака да мотивира одмазда или нешто слично – туку сосема спротивно. Со почитувањето на жртвите и осуда на џелатите, и на злосторниците – порачуваме дека Сребреница никогаш и на никој не смее и нема да се повтори. Само со соочување со вистината можеме да градиме подобра иднина. Затоа со ова наше собирање сакаме да ја афирмираме нашата борба против омразата, против нетолеранцијат и предрасудите, рече професорот Зекир Рамчиловиќ.
Во 2010 година Македонија ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница. Но, како што велат од организацијата на Маршот, државата досега не дала никаква поддршка за честувањето, тие се се надеваат дека потписите во Собранието не се само мртви слова на хартија. Сенида Чизмиќ ја раскажа приказната за нејзината мајка што погинала 1992 од граната во Сараево, а пртходно била ранета од снајперист.
– Цел свет знае за Сребреница, но само најхрабрите зборуваат јавно, со тоа им порачуваат на тие во Сребреница дека не се сами. Тешко ми паѓа кога на медиумите ги слушам мајките од Сребреница – велат: Ние останавме сами. Не, вие не сте сами – сите мајки на светот што ги сакаат своите деца се со вас, порача Чизмиќ.
На денешен ден 1995 година во Сребреница, БиХ, беа убиени над 8 илјади Бошњаци. На 11 јули годинава, во Поточари, членовите на семејствата на жртвите од масакрот во Сребреница, колективно погребаа 175 жртви, идентификувани оваа година, меѓу кои и 15 годишното момче Сенад Бегановиќ. Во меморијалниот центар се погребани вкупно 6 241 жртви на масакрот во Сребреница
– Сребреница ќе остане запаметена како крвава срамна дамка во европската и светската историја. овој геноцид претставува најголемо злосторство во Европа по втората светска војна. Денеска, ние младите Бошњаци и останатите сограѓани се собравме овде, во срцевината на Скопје во чест на масакрот во Сребреница, рече Адмир Фазлагиќ, од Бошњачката заедница на РМ.
А.Б.