„Повеќе од еден месец гледаме реклами на ТВ, радио, Фејсбук, автобуси, билборди во кои Ивица Коневски се промовира себе. Во период кога централната власт крати на трошоци за рекламирање, Коневски продолжува да фрла пари на скапи реклами, како што ВМРО-ДПМНЕ правеше повеќе од десет години.
Спотовите со славни личности, рекламите на познати радија, големите билборди, рекламите на автобуси, рекламите на Фејсбук и Интернет…сето тоа чини многу пари и да се изработи и да се објави. Коневски вели дека овие реклами се бесплатни. Тоа значи дека бесплатно ги снимаат, бесплатно ги пуштаат на ТВ, бесплатно ги лепат на автобуси, можеби дури и бесплатно ги објавува на Фејсбук. Ако е така, се поставува прашањето зошто толку фирми и медиуми бесплатно работат за Коневски и со што ги има задолжено?
Граѓаните на Аеродром заслужуваат да знаат колку точно чини оваа кампања на Коневски и од каде се парите за истата?
Од Коневски бараме што побрзо да одговори кој ги платил промотивните видео спотови што ги објавува Општина Аеродром и колку чинат? Кој ја платил промоцијата на Фејсбук и колку чини? Кој ја платил рекламата која моментално се наоѓа на трговскиот центар Капитол и колку чини? Кој ги платил билбордите кои се наоѓаат на железничката станица и колку чинат? Кој ги платил рекламите поставени на автобусите на ЈСП и колку чинат? Ако пак сѐ ова бесплатно, кој му се оддолжува на Коневски и за што? Какви се лични и партиски интереси се тука во игра?
На веб-страната на ЈСП може да се види дека реклама на автобус, само за еден месец чини 900 евра. Овие пари значат неколку месеци преживување за граѓаните. Па, дури и ако парите за рекламирање Коневски ги добива преку донации, прашуваме зошто не ги пренасочи за нешто од што граѓаните ќе имаат корист? Зошто ги користи за лична пропаганда? Коневски има обврска да одговори кој ја плаќа оваа негова скапа кампања. Дали како и секогаш, тоа се граѓаните?
Општина Аеродром и нејзните граѓани не заслужуваат ваква расипничка локална власт. Веќе оваа есен, граѓаните на Аеродром ќе изберат нов градоначалник и нов Совет. Новата локална власт предводена од СДСМ, ќе работи одговорно и сите средстства и ресурси на општината ќе се користат транспарентно и исклучиво во корист на граѓаните“, изјави Златко Марин, претседател на ОО СДСМ Аеродром.