Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски најави дека за брзо време мнозинството во Собранието ќе избере нов спикер.
Стратегијата е дека мнозинството во Собранието многу брзо ќе ја преземе одговорноста и за Собранието и за состојбите во државата онака како што е согласно основните принципи на демократијата. Ќе дозволите, времето и тајмингот ќе го зачуваме за себе со цел да избегнеме било каква шанса за било каков конфликт помеѓу граѓаните. Најважно е што и да се случува во оваа земја да немаме конфликт помеѓу ниеден од граѓаните. Ниту еден живот, ниту една гребаница не е вредна за Никола Груевски.
Тој го отфрли барањето за одржување на нови парлемантарни избори.
-Ова барање го оценувам како многу контрадикторно, затоа што, за да може да се распишат нови избори треба да се избере претседател на Собрание. Навистина не знам на каков начин мислат да дојдат до ова. Втората работа е она што цело време го повторуваме, дека не веруваме дека во Македонија нови парламентарни избори ќе донесат решение на оваа криза. Ајде, еве, обратно прашање. Што доколку се повторат резултатите? И истите луѓе, истите бројки, истите партии повторно во оваа ситуација, само неколку месеци подоцна, неколку милиони евра подоцна, и многу, многу дополнителни проблеми на граѓаните подоцна. Апсолутно не е во тоа решението. Мора да се дозволи мирен трансфер на власта. И уште една хипотетичка претпоставка. Што ако и после следните избори на коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе има можеби и помалку пратеници, едноставно Ѓорге Иванов реши повторно да не дава мандат? Значи апсолутно, мора да го почитуваме законот, мора да го почитуваме Уставот, мора да ги почитуваме основните принципи на демократијата, кадешто мнозинството на граѓани бира пратеници и мнозинството формира влада, рече Манчевски.
Во однос на пишувањето на Фокус дека Иванов сака да прогласи вонредна состојба, Манчевски кажа дека доколку такво нешто направи, тоа ќе биде уште еден доказ за неговата непресметливост.
-Ниту граѓаните, ниту пак ние ќе му дозволиме таквиот план да му успее. Во тоа може да биде сигурен, рече Манчевски.