(ВИДЕО) Љутков до Костадиновска: За реализација на фестивалот во Приштина одвоивте 30.000 евра

Од:

Реакциите на јавноста со објавувањето на Годишната програма за култура не стивнуваат! Бидејќи не е јавно соопштено, новост е дека вчера, имињата на комисиите се објавени со линк, кој e додаден на веб страната на министерството заедно со резултатите од Годишната програма. Веројатно, за да нема поголема видливост, изјави Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

– Министерке, не дадовте ниту еден аргументиран демант и должите на македонската јавност уште многу неодговорени прашања: дали од овие членови членот на комисијата за музејска дејност е наставник по англиски јазик исто како вас и нема никаква допирна точка со музејската дејност? Дали членот на комисијата за визуелни уметности е се уште студент? Ако во времето на ВМРО-ДПМНЕ како што рековте Вие имало и академици, и во најмала рака универзитетски професори, комисијата за заштита на културно наследство сега е составена од членови кои немаат ниту научно звање, а за потсетување на јавноста, минатата година за член на истата комисија беше наставник по биологија! Дали претседателката на комисијата за интердисциплинарни, освен што е истакнат активист на СДСМ е и член на извршната канцеларија на Здружението на граѓани МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР Битола, за кое во оваа дејност самата си доделила 11.000 евра за проектот „Битола отворен град 2024“, и дали членови на комисијата за фолклор си доделувале средства во здруженијата на граѓани во кои тие самите партипицираат? И колкумина од вашите членови на комисии кои го чинат македонскиот народ со околу 80.000 евра, се активисти на СДСМ и ДУИ, односно повеќе се партиски препознатливи отколку по нивниот професионален бекраунд?!

Вие која никогаш не сте биле дел од културата, да Ви повторам уште еднаш она што културната јавност многу добро го знае, дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ, пресовите на министерот при објавувањето на Годишната програма се одржуваа во присуство на сите членови на комисиите, затоа што, со квалитетни и истакнати професионалци и со буџети со износи од 9.000.000 – 12.000.000 денари, само во националните театри, не сме имале од што да се срамиме! А, хонорарите на членовите на комисиите беа за 70% пониски, иако тогаш во најмала рака како што веќе кажав, претседателите на комисиите беа со научни звања, универзитетски професори, дури и академици.

Бидејќи во овие два изминати денови, најжолчно се обидувавте да го одбраните фестивалот „МОИСИУ“ во Приштина, небаре лажеме, јавноста може да се увери од Годишната програма за меѓународна дејност за Националните установи, каде многу јасно е објавен насловот, цитирам: „РЕАЛИЗАЦИЈА на фестивалот „МОИСИУ“ во Приштина, Косово“. Ако тврдите дека не се работи за организација туку за учество, произлегува и дополнителна дилема, зошто сите останати национални театри кои се финансирани за учество во многу подалечни земји, се поддржани со десет пати помали средства? И доколку станува збор само учество, како тоа за само 100 километри пат, министерството издвоило 30.000 евра?! И конечно, ова наводно учество на фестивал во Косово, зошто чини многу повеќе, отколку организацијата на нашите етаблирани традиционални меѓународни фестивали „Ристо Шишков“ и „Скомрахи“ заедно.

Почитувани уметници и граѓани на Република Македонија кои сте дел од културното битисување. Денес во моеиме, а и во ваше име ќе и поставам на министерката и на Владата која таа ја застапува, уште неколку дополнителни прашања врзани за капиталните инвестиции во културата, кои сите нас не засегаат и тоа: Зошто на одобрени 220 милиони денари за доизградба на Театарот во Струмица во 2017 година, Вашата Влада ги пренамени средствата и денес 7 години потоа истиот не е довршен? Зошто ја стопиравте градбата на Драмскиот театар во Скопје иако беа обезбедени средства во буџетот за 2017 година, а истите ги пренаменивте? Ви оставивме изградена карабина на Турскиот театар, седум години по ред, требаше само да ја завршите во првата фаза, а остатокот на објектот да се доизгради со средства од Турската Влада. Ни тоа не го направивте. Зошто од 2020 година, од кога помпезно имаше најава дека со Одлука на Влада се одобриле средства за изградба на нов објект на „Танец“, до денес никој не видел ниту проектна програма?

Зошто од 2017, секоја година изјавувате дека сега работите на Проектна програма за Театарот во Прилеп, во 2019 година дека сега се средуваат градежните дозволи во Општината, па во јуни минатата 2023 година, се обидовте да се ја префрлите топката на градоначалникот дека политички ве опструира, а кога за само еден месец сите услови ви беа обезбедени, повторно се вративте на старата песна и пак на проектната програма. Во 2022 година, по цели 5 години отпочнавте со реконструкција на кровот на НУБ „Св. Климент Охридски“ и најавивте дека ќе продолжите следната година со блоковите 3 и 5 од објектот, се’ до неговото завршување за повторно да го вратите сјајот на овој значаен архитектонски објект. Од тоа нема ништо! А, што да кажеме за Театарот во Куманово? Исто така, долго најавената реконструкција, за која одвоивте 15 пати помалку средства, отпочнавте со уривање на ентериерот и денес театарот е неупотреблив за реализација на културни содржини. Нови средства во 2024 за него, секако нема!

И секако, еден од најголемите најавени инвестициски најавени зафати кој е предмет на манипулација е реконструкцијата на Универзална сала, па ќе ви ги поставам истите прашања кои ви ги постави пратеничката Ане Лашкоска. Кога распишавте тендер за реконструкција на Универзална сала? На сајтот за јавни набавки, ваква набавка нема! Која фирма ја избравте за изведувач и како? Кој е и како го избравте надзорот? И колку средства се обезбедени за 2024 година? Искрено не очекувам одговори, бидејќи одамна е јасно дека оваа неспособна Влада, освен што со години ја манипулира јавноста, нема ниту една инвестиција во Република Македонија и затоа ќе остане уште долго време запаметена како Влада која една шајка нема заковано! Жалам што државата ја доведовте на апарати, економски, институционално, регионално. Вие и Вашата Влада успеавте и она што со столетија ни е дадено, цивилизациското и културното наследство да го урнисате! Министерке, да сум на Ваше место најмалку што можам да направам е да ја повлечам оваа срамна и убедливо најлоша Годишна програма! Но, надежта последна умира. После 8-ми мај, овакви скандалозни програми ќе бидат минато – рече Љутков.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Лагите на Љутков и ДПМНЕ се параван за покривање на неговите хонорари и хонорарите на неговата сопруга,

Катерина Ѓуровски

Љутков: Власта со Предлог законот за култура го брише националниот интерес како категорија и зборот македонска култура

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Љутков: Оваа година 5 милиони евра помалку за култура во годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес