Претседателка на ДОМ и пратеничка, Лилјана Поповска, потврдува дека содржината на разговорот што го објави СДСМ минатата недела, каде се споменува нејзиното име, соодветствува со фактите од времето кога најверојатно се водел.
Поповска е нарекувана со погрдни имиња во разговорот кој наводно се води меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер. Таа не сака да ги коментира навредите.
– Личните навреди не би ги коментирала, тие зборуваат сами за себе и за тие што ги кажуваат. Се поставува прашањето, како понатаму со истите луѓе? – вели Поповска за „А1ON“.
Според неа, разговорот е веројатно правен во очи на парламентарните избори во 2011 година.
– Тој е потврда за подготвеноста на ДОМ за самостоен настап и неподготвеноста на партнерите да го прифатат тоа. Имено, во 2011 ДОМ донесе одлука за самостоен настап, започна кампања, постави билборди и почна со трибини низ Македонија, најмногу во ИЕ-и 1,3 и 4. Битно ни беше посилно да ја промовираме зелената опција, како заложба и на Европските Зелени. Од највисоко ниво на ВМРО-ДПМНЕ беше јавно искажано разбирање за нашата желба. Но, неколку дена пред поднесување на листите, од кај нив дојде иницијатива за коалиционен настап, со образложение дека, според анкетите, ние ќе добиеме 1-2 пратеника, а ним ќе им одземеме 4. Оттука, јасно е зошто сме инсистирале на повеќе од 1 пратеник, колку што беше предложено. На крајот вториот пратеник го заменивме за сериозен програмски пакет со: мораториум за нуклеарка, влез на обновлива енергија и енергетска ефикасност, заштита на животната средина, намалување на ДДВ во туризмот од 18 на 5%, повеќе средства за науката и ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби. Ова требаше да се соопшти на заеднички прес на највисоко ниво, како јавна обврска, што и беше направено – вели пратеничката.
Маја Васева