Скопското обвинителство поднесе обвинение за двајца насилници кои се обвинети за смртта на кучето Феликс.
Од Основното јавно обвинителство Скопје, велат дека имајќи ја во предвид пред се вознемиреноста што во јавноста ја предизвика видео снимка од мачење на куче во Момин Поток, веднаш по поднесувањето на кривичната пријава презеде дејствија и го прибра целокупниот доказен материјал и денеска поднесе обвинение против две лица за кривично дело – Убивање и мачење животни.
„Двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак, црна боја, на возраст околу една година. Првообвинетиот со тврд дрвен предмет во облик на стап и без оправдана причина започнал да го удира со повеќе удари кучето во пределот на главата и телото, нанесувајќи му тешки повреди. Потоа, заедно со второобвинетиот го врзале со жица и така врзано го влечеле по дворот до контејнер, каде го фрлиле мислејќи дека кучето е мртво. Како последица на повредите, кучето угинало на 7.1.2025 година. Јавниот обвинител достави и предлог за определување мерка на претпазливост – задолжително јавување во Судот за двајцата обвинети, имајќи го предвид пред се објектот на инкриминацијата на ова кривично дело изразено преку заштита на животните од нехумано постапување“, извести ОЈО.
На 8 овој месец од ЈП Лајка известија дека угина Феликс, кучето кое кон средината на ноември беше тепано со стап по глава во складиште во Момин Поток, само затоа што извршило нужда пред вратата на складиштето. Вработените во „Лајка“ вложија натчовечки напори да го спасат кучето кое имаше сериозни повреди на главата, тоа храбро се бореше за својот живот, но, за жал, не успеа.
„Со бесконечна тага и огромно разочарување ви соопштуваме дека по долга, неуморна, тешка и посветена борба за спасување на животот на Феликс, тој сепак нè напушти и си го најде конечно својот вечен мир.Иако дојде со тешки повреди како сенка од куче, поразено од животот и од човечката бруталност и суровост, тој се бореше со сите можни сили, јуначки до самиот свој крај, давајќи ни верба дека можеби ќе успееме заеднички во оваа незвозможна мисија“, соопштија тогаш од Лајка.