(ВИДЕО) Ковачевски: Европскиот број за итни повици Е-112, вистинско олеснување за граѓаните

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска, заедно со шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, амбасадорот Дејвид Гир и Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Скопје присуствуваа на промоцијата на европскиот број за итни случаи 112.

На официјалното пуштање на бројот за итни случаи, преку видео порака се обрати и потпретседателот на бордот на Европската асоцијација за броеви за итни случаи (ЕЕНА), Младен Вратоњиќ, а резултатите и достигнувањата постигнати при спроведувањето на проектот во ЦУК ги презентираше тим лидерот на ЕУ проектот Габор Фришман.

Со пуштањето на употреба на бројот, кој овозможува со телефонско јавување на само еден број, 112, во најкраток можен рок граѓаните на нашата земја може да ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или на противпожарната бригада, од било каде во државата, симболично се одбележува Европскиот ден, одреден од ЕУ за промоција на соодветно користење на бројот за итни случаи Е-112, користен ширум Европа.

Премиерот Ковачевски во денешното обраќање, истакнувајќи ја важноста на системот Е-112, како вистинско олеснување за граѓаните, подвлече дека системот обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување на ред и мир, за обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби, кои по потреба се активираат, поради опасности по животот на граѓаните и поради загрозување на материјалните добра и имотот на граѓаните и државата.

„Изградивме модерен и ефикасен модел за функционирање на Е-112 на јазиците со кои се користи населението во државата, во соседните држави како и најмалку на еден од светските јазици. Системот го стартуваме со осум оперативни центри во Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, и сите се опремени според утврдени директиви на ЕУ за оваа намена“, подвлече Ковачевски, упатувајќи честитки до ЦУК, кои со поддршка на Делегацијата на ЕУ, успешно го завршија проектот Е-112 и воспоставувајќи напредни европски стандарди.

Тој истакна дека во центрите работат и оперативци обучени да примат повик и да воспостават комуникација и со лица со различни попречености, што е во согласност со врвниот принцип за поврзување меѓу луѓето на кои им е потребна итна помош со оперативните служби за пружање помош како највисок приоритет.

Упатувајќи честитки за реализацијата на проектот со кој се применуваат европските протоколи за менаџирање со кризните ситуации и несреќи, кој е од огромно значење за граѓаните и заблагодарувајќи се на помошта на Европската Унија, Ковачевски посака да има што помалку ситуации за користење на единствениот европски број за итни повици.

Директорот на ЦУК, Ангелов истана дека единствениот повикувачки број, кој ги обединува броевите 192, 193, 194 и 195 ќе го олесни животот на граѓаните, на кои во одредени животни ситуации ќе им биде потребна помош.

Тој информираше дека старите броеви ќе продолжат да постојат уште подолг период додека биде потребно и додаде дека овој единствен систем ќе помогне во детектирање на одредени слабости и ќе биде овозможено преземање мерки за нивно успешно надминување.

Евроамбасадорот Гир, искажа големо задоволство поради тоа што Европската Унија помогна во реализацијата на европскиот систем Е-112 во земјата, оценувајќи дека 112 е практичен, лесен број за паметење и дека во земјите на Европската Унија како број кој обединува повеќе институции, спасува многу животи.

Итниот број 112, освен што обезбедува итно алармирање на еден единствен број е систем дизајниран да обезбеди брза координација, акција и интервенција на сите служби соодветно за секоја специфична кризна ситуација.

Би можело да ве интересира

Спасен давеник од Дојранско езеро

Спасен повреден мотоциклист кој паднал во провалија на Шар Планина

Пет пожари на отворено низ државава изминатото деноноќие

ЦУК: Изгаснати 27 пожари, четири се уште активни

ЦУК: Активни пет пожари, еден под контрола

ЦУК: Два активни пожари, шест изгаснати и еден под контрола