Со свечено осветлување на новогодишната елка и отворање на Божиќниот маркет вечерва во 18 часот на плоштадот Македонија, официјално започнува празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.
Како што истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, целта е главниот град да се позиционира како современа европска метропола со континуирана и разновидна празнична содржина за сите генерации.
– Денес во 18:00 часот, во срцето на градот на плоштадот Македонија, свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен Божиќниот маркет, со што симболично го означуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град. Со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, создавајќи настани кои носат позитивна енергија, заедништво и радост за сите наши генерации, рече Георгиевски.
тој рече и дека е донесена одлука, на прославата да нема огномет.
Во периодот од 15 до 31 декември, тој нагласи дека секојдневно од 18 часот, граѓаните ќе можат да уживаат во богата програма со музички настапи, диџеј сетови и уметнички изведби, при што посебен акцент е ставен на децата и семејствата.
– Посебен акцент ставаме на децата и семејствата во Скопје. За првпат Скопје нуди континуирана и разновидна празнична програма за сите наши сограѓани. Секој викенд, од 12:00 до 14:00 часот, содржините се целосно посветени на нашите најмлади, со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања. Во вечерните часови програмата е наменета за младите и возрасните, создавајќи топла и жива празнична атмосфера, рече Георгиевски.
Централниот дел од програмата, додаде, започнува на 27 декември, во соработка со Државната лотарија на Македонија, со настапи, празнични забави и награди, а во програмата, како што рече, ќе учествуваат и средношколски бендови од сите средни училишта во Скопје, нагласувајќи дека негова желба оваа година е сите настапи да бидат од македонски изведувачи.
– Имам само една желба оваа година, тоа е сите настапи да бидат од наши македонски изведувачи, затоа што нашите изведувачи не само што се познати дома, во Република Македонија, туку се познати и надвор од нашите граници. Најдобро е кога се тука за Нова година и кога заеднички ја прославуваме Новата година сите на плоштадот, рече Георгиевски.
Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со настапи на македонските музички изведувачи, меѓу кои Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Куку Леле, 2 Бона и други. За најмладите, од 27 до 30 декември се предвидени детски програми, театарски претстави, маскоти и поделба на новогодишни пакетчиња, а на 27 декември во 12 часот Дедо Мраз ќе ги пречека децата на плоштадот.
На новинарско прашање поврзано со тоа колкав ќе биде трошокот на Град Скопје, Георгиевски рече дека единствениот трошок за градот е украсувањето, кое, нагласи, изнесува помалку од 70.000 евра. Прашан дали ќе има албански изведувачи, тој рече „музиката не познава вера и нација“ и повика на обединување, нагласувајќи дека програмата е наменета за сите скопјани.
– Ова ќе биде голем настан, со многу големи ѕвезди кои со години наназад не сме ги имале на исто место. Јас ќе бидам тука вечерта, со сите вас, и верувам дека нашиот народ во Скопје ќе се обедини конечно после долги години. Музиката не познава вера, ниту нација. Плоштадот Македонија ќе биде исполнет со детски џагор, со детски насмевки, со весели луѓе, весели скопјани без разлика на вера и нација, кои заеднички со нас ќе го дочекаат празникот, рече Георгиевски.
