Граѓанските организации од средината на декември па се до ден денеска се соочуваат со сериозни притисоци од државните институции. Во над 20 организации се уште се присутни инспекторите на УЈП чии што истраги се однесуваат на петгодишното работење на граѓанските организации, рече Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
-Особено загрижува последнава недела дена што 13 организации се посетени од страна на финансиската полиција и од страна на министерството за внатрешни работи по барање на Основното јавно обвинителство во пред истражна постапка за непознат основ бидејќи така како што ги водат постапките упатува на тоа дека не знаат што бараат и особено последните 3 дена организациите што се посетени од нив во налозите се бара да се одземат документи поврзани со приливите и плаќањата направени од УСАИД, американската агенција за развој, вели Каранфилова-Пановска.
Според извршната директорка на ФООМ, начинот на кој што се развиваат работите, интезивирањето на притисокот, инструментите кои што се користат и целта кон која што одат да креираат случај за злоупотреба на парите упатува на тоа дека доколку оваа ситуација потрае и политичката криза не се разреши во скоро време граѓанските организации можат да бидат сериозна колатерална штета на она што ни се случува во поширокиот контекст иако сето ова време работеле единствено и само во интерес на граѓаните.
-Во не постоење на легитимни институции се злоупотребува силата на моќта, а не силата на правото за да се санкционираат оние кои што работат во интересот на граѓаните на Република Македонија.
– Доколку не се разреши политичката криза, затоа што ова е злоупотреба од страна на институциите во ситуација во која што Македонија не се знае кој јаде кој пие, не се знае дали имаме еден легитимен претставник на било кое ниво на власт. Единствен легитимен формално е претседателот Иванов кој со последните две одлуки се делегитимираше себеси комплетно во очите на граѓаните, рече Каранфилова-Пановска.
Таа изјави дека немаат информации дали парите на УСАИД кои што се во поддршка и во поткрепа на институциите во моментот се под било каков надзор, туку дека исклучиво се под надзор парите на УСАИД за граѓанското општество и за граѓаните на Република Македонија.
Виктор Јованов