Рeпублика Северна Македонија има шанса да добие датум за преговори во јануари или февруари, ако го потпишат анексот од 12 точки што го дадовме, вели вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов за бугарската ТВ Нова.
Според него, Македонија имала шанса да одреди датум за разговори уште во ноември минатата година, но не сакала да го искористи тоа. Бугарија не стави вето, таа едноставно рече дека не се подготвени за датум за преговори, вели Каракачанов.
Министерот вели дека Бугарија е „за“ проширување на ЕУ на Западен Балкан, а јазикот не омразата кон сè што е бугарско го загрижува.
– Омразата се заснова на грубо и грозоморно фалсификување на историјата, додава тој.
„Бугарија има негативна слика со навредливи квалификации во македонската свест. РСМ има шанса да добие датум за преговори во јануари или февруари, ако го потпишат анексот од 12 точки што го дадовме“, рече министерот Каракачанов.
Тој, денеска, пак во гостување во неделната програма „Беновска пита“ на Радио К2, најави дека следната недела на средби во Софија оди специјалниот претставик на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски.
– Вистина е, разговаравме со господинот Бучковски, следната недела тој во улога на главен преговарач или медијатор, ќе биде во Бугарија. Сè уште не сме го закажале состанокот, но дали ќе биде вторник или среда, некаде таму, рече Каракачанов.
Македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров пред неколку дена изјави дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања, алудирајќи на изборите што во Бугарија треба да се одржат во март.
„Штом завршат изборите да бидеме подготвени да влеземе во тој процес, да ги убедиме, дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ – го врати проширувањето на листата на приоритети на Унијата, не соодвествува со ова што сега ни го прави“, посочи Димитров.