ВИДЕО: Изгореа подруми во Аеродром, експлодирал заедничкиот струјомер

Од:

Изгореа подурмите на зградата број 10 на улицата Владимир Комаров во Скопје. Нема повредени ниту меѓу станарите ниту меѓу пожарникарите кои со седум возила го гасеа огнот.

Пожар избил во подрумот, а густ црн чад за кусо време се појавил во речиси сите станови во зградата. Станарите велат дека слушнале неколку силни експлозии, пред да го почувствуваат чадот, но не се посомневале на пожар поради силниот дожд и грмотевиците.

„Влегов да се бањам кога слушнав пукање и чад почна да влегува од вратата“, вели станарка на последниот кат.

Станарите велат дека во ходниците не се гледало од чадот кој се ширел од отворот за лифтот. Испукани биле и стаклата на ормарите за струја, па се сомневаат дека пожарот го предизвикала старата електрична инсталација. Дел од нив велат дека експлодирал заедничкиот струјомер.

Пожарникарите ги евакуирале сите кои станале во зградата, па станарите на најсилниот дожд попладнево беа надвор.

„И господ ни помогна со дождов, ќе изгоревме како глувци“, коментираа додека реки вода течеа по улиците околу зградата.

Пожарот го пријавиле соседи од околните згради кои велат дека забележале чад од покривот. Противпожарната бригада стигнала кусо време по јавувањето.

Командантот на скопската противпожарна бригада Ѕвонко Томвески вели дека за кусо време успеале да го изгасат огнот и да спречат да се рашири на другите катови.

„Во гасењето на пожарот учествуваа 7 противпожарни возила до 20 пожарникари. Нема повредени ниту станари ниту пожарникари. Пожарот избил во подрумот и направена материјална штета која допрва ќе се утврдува. Дополнително ќе се утврдуваат и причините за пожарот. Имавме тешкотии да се пробиеме до подрумите оти влезовите како и самите подруми беа затрупани. Апелирам до граѓаните да ги расчистат подрумите, за да имаме полесен пристап во случај на пожар“, вели командантот Томевски.

Пожарникарите ја исклучија струјата во зградата, а полицијата не дозволуваше никому да влезе. Накиснати до гола кожа беа и станарите кои распаметени гледаа во облаците чад и полицајците и пожарникарите кои речиси два часа останаа пред зградата.

Станарите велат дека зградата е стара, од 1966 година и дека во преговори биле целосно да ја сменат електричната инсталација за која се сомневаат дека е причина за пожарот.

За да се вратат во становите тие останаа да чекаат да се направи целосна проверка на струјата.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Момче загина во пожар во Англија, уапсени се 14 деца

Скопјанец подметна пожар во куќа и стан каде што живее неговата сопруга со нивниот син

Горан Наумовски

Нетанјаху: Уапсени 18 лица под сомнение дека подметнале пожари во близина на Ерусалим

(ВИДЕО) Нетанјаху прогласи вонредна состојба поради шумските пожари во близина на Ерусалим

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Голем пожар во близина на Ерусалим, најмалку седум лица се повредени

(ВИДЕО) Трагедија во Кина: Пожар избувна во ресторан, најмалку 22 мртви