Директорот на Националниот демократски институт за Македонија, Крис Хеншо, во неделното интервју на Радио Слободна Европа дава оценка за локалните избори.
„Ние ги добиваме почетните информации од извештајот на ОДИХР, го имаме извештајот на Европската комисија, како и извештајот за човекови права на Стејт департментот. Сите овие извештаи се осврнуваат на изборите и се издвојуваат две прашања. Првото е за непристрасноста на медиумите во контекст на локалните избори, а другото прашање е неразграничувањето на улогите на државата и политичките партии во рамките на изборниот процес. Сериозни обвинувања се пласираа по основ на овие две прашања и за тоа се известува во извештајот на ОДИХР по првиот и вториот круг, а референци има и во извештаите на Европската комисија и на Стејт департментот“, вели Хеншо.
Како позитивни работи од изборниот процес Хеншо ја наведува добрата излезност и мирните избори со малку инциденти. Но има забелешки на непристрасноста на медиумите.
Потсетува дека во 2009 година Македонија од репортери без граници беше рангирана на 34 место во светот и првопласирана меѓу деветте држави во регионов. Во 2010 земјата се најде на 68 место. До 2011 и 2012 година стигна на 94 место. Денес земјата е на 116 место, последна меѓу деветте земји во регионот.
„Непристрасноста на медиумите за време на избори е добар начин да се сигнализира дека работите се движат во вистинска насока. А сега го имаме извештајот на ОДИХР во кој е наведено дека немаме рамен терен за игра кога станува збор за медиумите“, вели Хеншо и забележува дека ни со нивно посредство не е издејствувано ТВ соочување на Јавниот сервис.
Околу гласачите од Пустец сугерира прочистување на избирачкиот список.
„Сметам дека е потребен притисок од јавноста, но треба да има и посветеност од политичките партии. Мора да се прифати дека на некои избори партијата победува а на други губи. Јас имам искуство во Обединетото кралство, девет години пред да дојдам во Македонија. Досега сум проследил осум избори во земјава.
– Согласно моето искуство, потребен е рамен терен за игра. Тоа што на едни избори може да ви оди во прилог може да ви наштети на други избори. Станува збор за фер демократски процес. Изборите се клучен столб на демократијата. Ако тие не се спроведуваат правилно тогаш демократијата страда. Многу работи се случуваа на изборите во земјава и има подобрувања, но остануваат предизвици и потребно е да се адресираат“, вели Директорот на Националниот демократски институт за Македонија, Крис Хеншо, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.