Гостивар од денес има техничка вода за користење, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но нагласи дека водата сè уште не смее да се користи за пиење и подготовка на храна.
По повеќекратните испитувања на примероците од водоснабдителниот систем, анализите покажале дека водата може да се користи за хигиенски и останати домаќински потреби, како капење и чистење.
Nадлежните апелираат граѓаните да продолжат да ја почитуваат забраната за консумирање на водата и нејзино користење при подготовка на храна, сè додека не бидат добиени конечни потврди дека е целосно безбедна за пиење.
– За капење и за сите останати потреби во рамки на домаќинствата жителите на Гостивар можат да ја користат водата од водоводот, не смее и натаму да се пие и не смее да се употребува за подготовка на храна. Неколкукратните испитувања покажаа дека водата може да се користи како техничка, но не и за пиење, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски на прес-конференцијата во Гостивар посочи дека ќе се продолжи со обезбедување на флаширана вода за пиење.
„Во координација сме со Општината во делот на сето она кое треба да се преземе понатаму. Сакам лично да изразам благодарност, прво на гостиварчани за нивното разбирање, потоа и на сите експерти кои помогнаа да дојдеме до оваа фаза, техничка вода. Се надевам до сите одговорни во рамки на опшините, се надевам дека ова ќе биде за памет и дека ќе постапуваат максимално професионално и во делот на квалитетот на водата, затоа што играње со здравјето на граѓаните нема“, рече Тошковски.
Експертите пак, велат дека се земале шест примероци, а кај сите примероци, три дена последователно било констатирано дека водата може да биде за техничка употреба.
Во следните денови, ќе има повеќе места каде ќе се мери квалитетот на водата во Гостивар, а се надеваат и дека во наредните денови, водата повторно ќе може да се употребува и за пиење.
