ВИДЕО: Гневни сме затоа што сите виновни не се во постапката, нема обвиненија за полицајците, порачаа родителите на жртвите од „Пулс“

Од:

Родителите и семејствата на жртвите од кочанската трагедија во дискотеката „Пулс“ денеска повторно одржаа „Марш на ангелите“ и повторно повикаа на целосна правда и побараа институциите да ги гонат сите што имаат одговорност на трагедијаата. Рекоа дека се гневни затоа што уште нема обвинение за полициајците и затоа што, како што тврдат, има уште лица кои имаат вина, а не се опфатени со постапката,

Пред полициската станица во Кочани се обрати Александар Наунов, кој упати остри пораки до институциите и побара проширување на истрагата и утврдување на одговорноста.

„Не сме овде од навика или од инает. Нашата болка не поминува со времето, но уште поболно е што правдата доцни, институциите молчат, а некој очекува ние да се умориме“, истакна Наунов.

Тој нагласи дека семејствата се гневни затоа што и по значителен период од трагедијата, службени лица од МВР кои по закон имале јасна обврска да постапат, сè уште не се обвинети.

„Гневни сме и затоа што постојат други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а не се ниту осомничени, ниту пак предмет на видлива и транспарентна истрага“, рече тој.

Обраќајќи се до Основното јавно обвинителство и до Министерството за внатрешни работи, Наунов потсети дека и непостапувањето по службена должност, особено кога последицата е смртна, претставува кривично дело.

„Законот мора да важи за сите. И за униформата и за функцијата. Тие не смеат да бидат штит од одговорност. Селективната правда не е правда. Молкот не е неутрален. Одолговлекувањето не е случајно“, порача тој.

Родителите побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица не се опфатени со постапката.

„Ние не бараме одмазда. Бараме само она што му следува на секое човечко суштество – право на живот и безбедност. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња, имаат приказни“, нагласи Наунов.

Тој истакна дека маршот е порака дека семејствата нема да молчат и нема да дозволат вистината да биде закопана заедно со нивните деца.

„Правдата што доцни е неправда, а неправдата за 63 изгубени животи е недозволива“, заврши тој.

Би можело да ве интересира

Вештак на судењето за „Пулс“: Документацијата за дискотеката била делумна и немала правна важност

Братот на престседателката на Кривичен суд меѓу новообвинетите за „Пулс“

Заврши сослушувањето на вештакот Русески за „Пулс“, остана на ставот дека немало реконструкција на објектот

Средба на министерот Клековски со повредени од пожарот во „Пулс“

Семејствата на жртвите од „Пулс“ в среда на марш: Придружете ни се, дајте ни поддршка

Катерина Ѓуровски

Левица: Деко го дочекува крајот на притворот, а судењето уште долго ќе трае