„Се наоѓаме во населеното место Булачани кое има повеќе од 400 домаќинства со околу 1200 жители.
Секое лето, ова населено место се соочува со големи проблеми во водоснабдувањето. Водоснабдувањето на Булачани се врши преку два одвоени водоводни системи. Еден од системите, со одлука на советот на општина Гази Баба од 2010 година е предаден на управување и стопанисување на ЈКП Гази Баба 2007.
Вториот водоснабдителен систем, каде што се наоѓаме моментално, никогаш не е ставен во функција иако неколкупати беше ветувана изградба на нова секундарна мрежа, изградба на шахти и поставување на водомери. Токму поради нефункционалноста на вториот систем, во овој дел на Булачани, преку 200 домаќинства и преку 600 жители секое лето се соочуваат со недостиг на вода за пиење.
Поради намалениот доток во системот, старата и нефункционална водоводна мрежа, лошото менаџирање на Јавното комунално претпријатие и лажните ветувања на градоначалникот Тони Трајковски, жителите од овој дел на Булачани не можат нормално да функционираат.
Недозволиво е во 21-виот век, при тропски температури, над 600 жители да немаат навремено и квалитетно снабдување со чиста вода за пиење. Нехумано и нечовечки е на 600 граѓани да им биде ускратена основната животна потреба како што е водата.
Не постои никакво оправдување за неспособноста на Трајковски да обезбеди елементарни услови за секојдневно функционирање на жителите на Булачани. Затоа, и Булачани и општина Гази Баба, имаат итна потреба од промени. Веќе наесен, граѓаните на Гази Баба ќе добијат одговорен градоначалник и Совет на општината. Новата локална власт предводена од СДСМ ќе работи во интерес на граѓаните и општината, а прв приоритет ќе биде обезбедување на квалитетни услови за живот и навремено водоснабдување за сите рурални средини во општината“, изјави Борче Георгиевски, претседател на ОО СДСМ Гази Баба.