„Граѓаните се јасни во своите барања за чист воздух и здрава животна средина. Создадовме план и проекти со кои обезбедуваме услови за здрав живот за сите.
Согласно буџетот за 2018 општината ќе распише повеќе јавни повици кои се дел од мерките на општината во делот на енергетската ефикасност.
Сакајќи да се стимулираат жителите на општината за примена на почисто гориво за затоплување на домовите, субвенционираме купување на печки на пелети“, рече градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
„Во буџетот имаме планирано 3 милиони денари за овој проект.
Општината ќе надомести 70% од трошоците за набавка на печка на пелети за оние домаќинства кои ќе набават печки во рокот кој е пропишан во јавниот повик.
5.500.000 денари планираме за доделување на 100% финансиска поддршка на куќните совети за реконструкција на кровови на 10 станбени згради.
За што исто така ќе биде распишан јавен повик.
Целта на оваа мерка е замена на старите азбесни кровови, како и остварување на еден од условите со кои потоа може да се изготви енергетски ефикасна фасада.
Како општина подготвуваме план со кој ќе го започнеме процесот за поставување на енергетски ефикасни фасади на станбените згради во општината.
Преку овие мерки за јакнење на енергетската ефикасност создаваме услови за чиста животна средина.
Оваа година општината заедно со ЕЛЕМ ќе започне со подготовка на проектна документација за изведба на топловодна инсталација во новата населба Хиподром 2.
Со овој проект излегуваме во пресрет на граѓаните и планираме да извршиме приклучок на повеќе од 1000 домаќинства на топлинска енергија во населбите Хиподром 1 и Хиподром 2. Наместо затоплување на дрва, на граѓаните ќе им овозможиме затоплување на топлинска енергија, со што ќе влијае во намалување на загадувањето.
Покрај проширувањето на топлинската мрежа, како општина работиме на подготовка на проекти и планови за гасификација на општината.
Општината Гази Баба работи во интерес на граѓаните. Затоа грижејќи се за безбедноста на граѓаните ќе биде распишан и јавен повик за реконструкција на лифтовите во станбените згради.
Со овој проект планираме реконструкција на 5 лифтови во станбени згради, како и поставување на нови, за што во буџетот имаме 2 милиони денари.
Како градоначалник на општина Гази Баба ги повикувам сите граѓани, сите куќни совети, кои ги исполнуваат условите предвидени во јавните огласи да аплицираат.
Искористете ја оваа можност која ја дава општината преку мерките за енергетска ефикасност.
За повеќе детали околу роковите, како и условите пропишани во јавните огласни. Граѓаните ќе можат да ги видат на веб страната на општината, како и во два печатени весници“, изјави градоначалникот Георгиевски.