Невладиниот и граѓанскиот сектор, со поддршка од независни синдикати, стечајни работници и студенти, со симболичен протест во Куманово, го одбележаа Меѓународниот ден на трудот.
Според организаторите целта на овој протест е подигање на свеста на работничката класа, односно на сите оние кои што се обесправени во општеството.
-Моментот во кој гледате нема ниту сто лица, е дека граѓаните ја губат солидарноста, односно не се солидаризираат со проблемите на своите сограѓани, кои навистина се оставени да умрат од ова класно општество. Ние се бориме за правда, но ова не е правда. Секој работник треба тоа да го сфати и да излезе на масовни протести за суштински промени во општеството-изјави Петар Чуриќ од Движењето за социјална правда „Ленка“.
Во Првомајскиот протест се приклучија и стечајните работници кои бараат да се намали стапката од 25 на петнаесет години работен стаж и да се обештетат сите стечајци, а не само оние од државните фирми.
-Се приклучивме за да докажеме дека ние немаме синдикат, туку имаме партнер на Владата, кој наместо да е на протестен марш, промовираа заштита на работа, а сведоци сме дека имаше многу случаи со повреди на работни места. Можам да им порачам дека тие се главни виновници, затоа што сме на улица. И тогаш беа партнери на Власта и не мислеа за работникот и народот-нагласи претставничката на стечајните работници, Лилјана Георгиевска.
Е.Г.