Основното јавно обвинителство води истражна постапка против ексдиректорката на Домот за деца без родители и родителска грижа, Ристенка Атанасова, која се сомничи за сторен материјално-финансиски криминал. Таа се товари за злоупотреба на службената положба и овластувањето, а од ОЈО велат дека веќе е извршено и економско вештачење во Домот со кој Атанасова директоруваше осум години. По осумгодишното директорување на Ристенка Атанасова, таа на донаторската сметка остави едвај 73 илјади денари, а приватната сметка на Домот со години немала прилив на пари. Новата директорка Соња Стамевска вели дека сега донаторската сметка има трипати повеќе пари, а на приватната сметка се слеале 200 илјади денари.
Освен ексдиректорката, во постапката на Обвинителството е опфатено уште едно лице за помагање при извршување кривично дело. По нејзиното заминување, се отвори прашањето каде завршувале парите од илјадници донации што се слеваа во Домот „11 Октомври“ во време кога Министерството за труд и социјална политика констатира дека Домот е потенцијална опасност за ширење заразни болести со лоша санитарно-хигиенска состојба и предложи привремено затворање на објектот. Новата директорка Соња Стамевска вели дека е изгубена довербата кај донаторите, но не сакаше да коментира за постапката на ОЈО.
„За одредени неправилности се води постапка во ОЈО. Не би било во ред да коментирам работи што се во постапка и не се завршени“, рече новата директорка Стамевска.
Нехуманите услови во кои со години живееја штитениците на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ се менуваат на подобро. Обнова на инвентарот нема, но санирање на штетите кај постојниот има. Стамевска, која една година раководи со Домот, вели дека работи на тоа да се врати довербата кај јавноста дека нивните донации се трошат за потребите на штитениците и Домот.
„Мора да се врати довербата кај луѓето дека кога нешто ќе вложат тука или ќе дадат, тоа навистина и ќе биде употребено тука. Да ја вратите довербата која, за жал, некој ја изгубил. Нешто сменив, нешто не. Некој ќе рече не е оправдување една година, но верувајте дека тоа донекаде е оправдување бидејќи тој период не е толку голем за да направите големи чекори бидејќи се соочуваме со пречки. Се трудев некои работи да бидат малку поинакви, да се види дека се работи, вложува и дека сакаме да создадеме подобри услови за децата, пред сè, во однос на стручноста кон нив“, вели Стамевска.
Минатата година, кога „Макфакс“ влезе во Домот, таму шетаа лебарки, мебелот беше дотраен, ѕидовите беа со мувла, прозорците со искршени стакла. Ситуацијата се менува, вели директорката Стамевска.
„Има подобрувања во однос нa тој дел, особено во хигиената. Во однос на обновување на инвентарот имаше одредени зафати со тоа што не беа огромни поради процесот на деинституционализација“, додава Стамевска.
Ексдиректорката на домот, Ристенка Атанасова, остана недостапна за коментар. Додека таа беше прв човек на институцијата, објектот беше извор на болести поради лошата хигиенска состојба. Во однос на кадровските решенија – пред една година чуварот работеше како воспитувач на децата, а Домот беше преполн со стар и искршен мебел.
Атанасова како директорка до МТСП не доставувала извештај за материјално-финансиско работење по што Фросина Ременски како технички министер за труд и социјална политика ја разреши од позицијата.
Кристијан Ландов