Адвокатот на осомничениот Бојан Јовановски, Сашко Дуковски, рече дека состојбата со неговиот клиент е алармантна и дека итно е пренесен во болница. Дуковски рече дека го затекнал Јовановски како повраќа во тоалетот и бил неконтактибилен, а исказот кај обвинителката Вилма Русковска воопшто не почнал.
Дуковски кажа дека едно е постапката за Јовановски, а друго е правото на живот.
„Се случи непријатна сцена, она што се случува 40, 50 дена откако е притворен. Почна да повраќа и колабираше на одредено време“, рече Дуковски.
Адвокатот рече дека иако за Јовановски има мислење од Клиниката за тораклана хирурхија дека треба да биде хоспитализиран, тоа не е доволен аргумент за поблага мерка кон неговиот клиент.
Бојан Јовановски, кој е првоосомничениот во случајот „Рекет“ денеска, по увидот на доказите, требаше да даде исказ во Обвинителството.
Тој во изминатите две недели ги разгледуваше доказите – снимките, вештачењата на мобилните телефони, како и исказите на сведоците, со кои Обвинителството го сомничи Јовановски за перење пари и примање награда за противзаконско влијание.
Освен Јовановски, во случајот „Рекет“ се осомничени и Зоран Милевски – Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.