Две групи на граѓани на околу 400-500 метри од бината, вербално се судрија за време на говорот на премиерот, Зоран Заев.
Меѓусебно си довикуваа, па додека едните извикуваа „Само Македонија, никогаш Северна! и пееја патриотски песни“, другите скандираа „Зоки, Зоки“ и „У-а ВМРО-вци“.
Полицијата стоеше меѓу нив и ја контролираше ситуацијата да не дојде до физичка пресметка.
Групата граѓани која се претстави дека е од дијаспората и која пееше патриотски песни тврдеше дека спонтано се собрале преку социјалните мрежи и сакале одвоено да го прослават Илинден на посебна бина, затоа што не се согласуваат со начинот на прослава што ја организира власта.
Тие, додека траеше говорот на премиерот, викаа „У-а предавници и тропаа на тапани.
„Не сакавме да провоцираме никој. Сакавме да покажеме дека ние сме вистинските Македонци и да испратиме порака дека не се согласуваме со Северна Македонија и северномакедонски народ. Меѓутоа полицијата не спречи во намерата, не ни дозволи да се доближиме, а нашите организатори ги уапси. Ова не е демократија, ова е диктатура“, изјави Гоце Ангелкоски кој живее во Австрија и е еден од групата на Македонците од дијаспората.
Од другата страна, тврдеа дека групата од дијаспората намерно се собрала да провоцира, да предизвика инцидент и да го извалка чествувањето на Илинден.
„Нема поголем Македонец од мене и немам потреба да го докажувам тоа на овие провокатори. Ние сме за напредок и иднина и конечно да живееме во Македонија која ќе тргне на европскиот пат, ќе биде татковина за сите. Не се чувствувам како предавник и не ги прифаќам навредите“, изјави еден од граѓаните, кој од Кичево пристигнал на свеченоста.
Инаку, на едната страна се вееја знамиња со сонцето на Вергина и се носеа маици со патриотски мотиви. Другите пак вееја знамиња на Европската Унија, облечени во бели маици на кои што стоеше мотото: „Сите сме деца на Илинден“.
Премиерот Зоран Заев кој се упати на бината, каде го одржа празничниот говор, не помина помеѓу двете групи, а целото место беше под силно полициско обезбедување