(ВИДЕО) Димовски: Најдобро е измените да ги барате во изборна година

Од:

Најдобро е одредени измени што ги барате, да ги барате во предизборна година, тогаш сè ќе добиете. Јас мислам дека ќе проработи совеста и разумот кај одговорните дека образованието мора да претрпи коренити промени, вели Владо Димовски, просветен работник и член на Наставнички пленум, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Со почетокот на школската година повторно се актуализираат проблемите во образованието. Минатата година тие ескалираа со протести и на Наставничкиот и Средношколскиот пленум. Што очекувате дека годинава ќе ви задава најголема главоболка?

Проблемите во образованието не се нови и тлеат повеќе од десетина години, но минатата година нас повозрасните наставници и професори нè разбудија прво студентите, а подоцна и средношколците па наставниците. Нè разбудија за да го искажеме своето незадоволство од лошите реформи во образованието. Не очекувам дека оваа година со почетокот на годината ќе има некакви измени, бидејќи влегуваме во една нова учебна година каде не се направија никакви измени, се направија одредени отстапки кај средношколците со матурата, а другото остана сето исто, дури и она што се направи со матурата кај средношколците пак ќе биде проблем, освен ако средношколците со протести пак не го одложат тоа за некоја друга година. Но, она што како наставниците го направивме, не вроди со плод, затоа што не бевме ниту повикани на некои разговори кај министерот. Иако министерот за образование во некои негови изјави во подоцнежно време велеше дека во август ќе се консултирал со Наставничкиот пленум и со некои други здруженија, како Здружение на просветни работници и со средношколците, такви разговори нема, не се објавија досега. Учебната година почнува исто како и мината година со апсолутно истите проблеми. Со истите проблеми со учебниците, оваа година е веќе шеста година како се употребуваат истите учебници кои веќе не се учебници за употреба. Знаете дека во Законот за основно и средно образование, тие учебници, по третата година откако се користат, треба да бидат обновени. Тоа не се направи, па во Законот се пролонгираше до петта година, но еве ја сега и шестата година. Потоа дека учебниците ќе се наплаќаат од учениците доколку се искинати, ако ученикот ја врати скината книгата и слично, тоа не се спроведе во дело, затоа што не можете вие после пет или шест години користење на некој ученик да му наплатите учебник ако тој таков го добил. Ова се само примери, проблемите си останаа во образованието, а се надевам дека ќе смогне сили Министерството да ги надмине проблемите, барем кога ќе започне учебната година, кога во пракса ќе се почувствуваат последиците од лошите реформи во образованието па дел по дел ќе ги решаваат.

Ги спомнавте учебниците, премиерот најави веќе обновување на учебниците, но дали суштинскиот проблем е во тоа што се стари или пак во нивниот квалитет, во она што имаат во нивната содржина?

Самите учебници прво имаат лош квалитет, почнувајќи од содржините внатре, лоши преводи на јазиците на заедниците, лоши историски податоци, измешани, неточни и така натаму, до квалитетот во изработката на самите учебници на хартијата. При самата дистрибуција на учебниците тие се распаѓаат. Дали е тоа така затоа што набрзина се работи или нешто друго, не можам да судам. Верувам дека издавачите си ја завршиле својата работа, а како било тоа договорено да биде нивото на квалитетот си знаат само одговорните во Министерството.

Дали просекот од екстерното тестирање кој изнесува 3,26 покажува дека македонското образование е добро, но далеку од одлично?

Од одлично дека е далеку, далеку е. Тоа е сигурно, а и овој просек кој произлезе од екстерното не е вистинската слика од екстерното тестирање, затоа што знаме како се спроведува екстерното тестирање кај нас. Во голем дел од руралните средини дури не се ни спроведува екстерно тестирање. Екстерното таму го спроведуваат наставниците, а не учениците, затоа што онаму каде што нема компјутери, каде што учениците не ни работеле или не го ни познаваат компјутерот, како може да спроведе екстерно тестирање ако не ни знае како изгледа компјутерот. Можеби за учениците што се во урбаните средини не преставува проблем, но за учениците што се во руралните средини навистина претставува проблем. Тука се и проблемите со спроведувањето на екстерното, со немањето интернет, слаб интернет, слаба струја, во некои дури воопшто нема. Имаме ние пример, во едно училиште од нашето истражување што го правевме, дека откако е изградно училиштето до ден денеска нема внесено струја. А имавме и една комуникација со една од одговорните во Државниот испитен центар каде јас и објаснував дека ние во училиштето немаме струја. Таа ме праша како мислите нема струја во 21 век. Нема, нема струја.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март