Сакам да ја информирам јавноста за незаконско постапување на полицијата, со што недозволиво во текот на вчерашниот ден пречеа на моето семејство. Во текот на целиот вчерашен ден дома доаѓал полицаец од Сообраќајната полиција, да ме бара, иако цела Македонија ме гледаше во собраниските клупи во Парламентот, рече пратеничката Лидија Димова.
Синоќа, рече Димова во вечерни часови, во 20.30 часот, се појави повторно на врата полицаец од Сообраќајната полиција кој ме извести дека морал да ми врачи на потпишување записници, замислете за наводен случај од пред 1 месец.
– И на човек кој нема никакво познавање на законите му е јасно дека е врвен апсурд да се потпишува записник за нешто што се констатира на самото место по цел 1 месец.
Да не зборувам за тоа со кое право ми доаѓаат и ме вознемируваат во вечерни часови мене и семејството?!
Во тоа време навечер во маалото има луѓе, како што гледате тука има и игралишта и целта е јасно, да се прави некаков филм на притисок.
Вчерашната дрскост од Сообраќајната полиција, неколку саати се обидував да ја пријавам на телефоните на Внатрешната контрола и професионални стандарди на МВР, на кои никој не се јавуваше. МВРО не работи за граѓаните, работи само за фамилијата, јасно е. Затоа испратив претставка преку интернет во којашто укажувам на законските дејствија на Сообраќајната полиција. Според информациите што ги имам, неколку дена белешката за доаѓање во мојот дом се вртела во рацете на вработени во полицијата и никој не сакал да преземе одговорност да го крши законот и да спроведува нарачки.
Ова покажува дека професионалците во МВР ги гледаат промените што доаѓаат и ставаат крај на самоволието на очајната власт на Никола Груевски. Сакам да порачам, прво како Лидија Димова граѓанин, а потоа и како пратеничка од СДСМ: Никој повеќе не ви се плаши, тоа е вашата болка! Постапувате противзаконски и за тоа ќе одговарате, рече Димова.