(ВИДЕО) Боки 13 во „Меѓународен сојуз“: Измамник не враќа пари, бара земјиште, склучува договори – не сум виновен

Од:

Бојан Јовановски-Боки 13 обвинет во „Меѓународен сојуз“ негира дека проектот за изградба на старечки домови бил наводен и посочи дека бил реален. Во однос на поддршката од Владата, посочи дека дури и доказите на Обвинителството преку приложените комуникации го потврдува тоа. Со ова, Јовановски пред судот сакаше да ги побие фактите на обвинителката Ивана Трајчева дека тој лажел дека има поддршка. За локациите, кажа дека и од комуникациите со ексградоначалниот Стефан Богоев се гледа дека се барале и локации во Карпош за изградба на старечки домови, во Битола се комуницирало со градоначалничката за пренамена на земјиште, во Министерството за транспорт и врски имало меморандум за соработка за проектот. На овој начин, Јовановски уверуваше дека е невин, со негирање на тезите на Трајчева која кажа дека локации не биле барани, а се ветувани. Обвинетиот побара судијката Софче Гаврилова-Ефремова одлуката да ја донесе според докази, а не на тези за кои нема докази посочувајќи: „Обвинителството со своите докази си удри по своето обвинение“. Во завршните зборови, Јовановски рече: „Измамен сум од Стефан Богоев и Зоран Заев“.

„Преписките со Владата, локалните власти, комуникацијата, одлуките од Меѓународниот сојуз, не одат во поткрепа на Обвинението. Се изведоа комуникации кои беа селектирани, но повторно и тоа не оди во полза на обвинението“, рече Јовановски и додаде: „Поддршката од Владата од лицето Зоран Заев тогашен премиер јас лично ја имав од првиот ден на формирањето на Меѓународниот сојуз. Обвинителството во своите завршни зборови го крсти тоа како ‘поттик’ од Зоран Заев. Не е мое да толкувам искажаното, а поттикот е голема форма особено кога доаѓа од лице кое извршува највисока државна функција во државата. Дека Зоран Заев бил информиран и знаел за активностите, работењето, а особено дека знаел за проектите е неспорен факт дотолку повеќе што кусо и со конкретни дејствија ќе ја опишам улогата на Зоран Заев, партиски функционери од СДСМ, како и претставници на локалната самоуправа“.

Тој пред судот кажа проектот не е наводен бидејќи постоела идеја која прераснала во проект. За тоа постоел договор, кој бил потпишан, имал своја вредност, како и обврски кои требало да се реализираат, додава Јовановски.

„Лилјана Тодоровска и Агапи Дика кажа низа лаги и бесмислици. Една од таа е дека им бил даден договор да потпишат, само последната страница. Јас изведов и други докази кои апсолутно ги негираат исказите на Јованка Кухар, Лилјана Тодоровска и Агапи Дика, особено што има и фотографии каде се гледаше купот на документи. Договорот со ‘Пелистер’ потпишан од двете страни без никаква присилба, ‘Меѓународен сојуз’ веднаш тргна да го реализира во роковите кои беа зададени. Дека овие лица знаеле за договорот, потврдија и сведоците меѓу кои Силјан Мицевски, бидејќи кажаа дека истите биле читани на глас пред тимови. Во договорот стои дека се предадени бизнис план, финансиски извештаи кои се во насока за реализација на договорот. Ние сме предале стандарди по кои треба да биде изграден комплексот. Втората договорна страна, односно фирмите, требаше да го изготват градежниот проект, а авторскиот проект е наша обврска. Тоа се два различни проекти. Ако сум го измамил Силјан Мицевски немаше неговото финансиско друштво да ми даде кредит, а ФОН Универитет немаше да се рекламира во 1ТВ. Ако сум измамил или сум сакал, немаше да доаѓаат и да прават муабети“, посочи Јовановски.

Ардијан Амзоски и Силјан Мицевски имале многу подобра комуникацијата со власта, Мицевски бил и градоначалник на СДСМ, па секогаш можеле да проверат и верувајте дека наводите неколку пати биле проверени пред да потпишат договори, кажа Јовановски пред судот негирајќи дека навистина немал доверба. Тој кажа дека 350.000 евра кој ги земал од Амзоски, но не за проектот, ги вратил – што според него е доказ дека немало измама ниту намера измама.

„Точно е дека Ардијан Амзовски дал 350.000 евра во готовина и дека имал потпишано договори. Под целосна одговорност тврдам дека Христина, мојот татко Миле, биле присутни, давале пари. Не знаела ни Јасна Ерцеговиќ за тие 350.000 денари, туку знаеле политичари. Парите се дадени на лидер на партија Зоран Заев, генерален секретар на партија Александар Кирацоски и градоначалник Стефан Богоев. Мене ме злоупотребил Зоран Заев, а не јас него“, кажа Јовановски.

Според него, бизнисмените не се откажале од проектот поради тоа што сметале дека тој нема да се реализира и е измама, туку бидејќи имало притисок од извршната власт. Како доказ рече дека е тоа што против Меѓународен сојуз или него како претседател – нема тужба од бизнисмените.

За тоа зошто 719.000 евра од Силјан Мицевски не биле упатени на „Меѓународен сојуз“ туку на Лилјана Тодоровска рече дека тоа е според договорот.

„Имаме два правни потпишани договори, со волја од двете страни, предадена платформа, сме ги започнале активностите, кој е овде оштетен – дали мислите дека ние сме сакале да прекинат овие договори и свесно не сме сакале да работиме на самоодржлив проект? Не. Сме сакале и сѐ сум направил, сѐ сум дал од себе. Тоа го потврди и Силјан Мицевски пред судот кој рече: ‘И телефонски се каравте за да направат нешто, а не направија ништо, иако можеа и да направат’. За овој проект, министерот за транспорт и врски потпиша наменски меморандум за соработка со цел брзо, ефикасно, целисходно реализирање на овој проект. Овој проект бил поддржан од Владата на Зоран Заев. Не само што добивме поттик и поддршка, добивме и ветување од него дека: ‘ќе биде формирана комисија за реализација на проектите на ‘Меѓународен сојуз’. Дека Зоран Заев и Владата ги знаела сите околности со ‘Меѓуанродниот сојуз’ зборува и доказот на Обвинителството. Изведен беше доказ скриншот од комуникација со Зоран Заев, каде го информирам дека има договор со ‘Пелистер’, обврските целите, го информирам дека е информирам дека знаел Трајче Заев и го информирам за блокирани средства. Тој се информира за проектот, го интересира, и вели дека: ‘ќе направат истрага и ако нема проблем ако се законски ќе ги одмрзнат средствата, не треба да стравуваш’, по што јас барам средба, а тој вика: ‘не е проблем ќе се видиме’“, додава Јовановски.

Обвинетиот посочи дека Стефан Богоев делегирал извесен Владо вработен во Општина Карпош за да се најде локација.

„Обвинителството тврдеше дека јас сум знаел дека нема да има земјиште, па сум ги држел во заблуда бизнисмените. А Обвинителството изведе доказ, скриншот комуникација во кој се вели од моја страна: ‘итно ние мора да прецизираме дефинитивна локација или да се откажам од договорот и да пропадне сѐ’. Стефан Богоев бил информиран и знаел и повторно го поврзувам со 350.000 евра. Дека знаел зборува и фактот дека јас Ардијан Амзоски не го криев тајно, не му дадов забрана да комуницира со луѓе, па комуницирал и со Богоев, јас сум го испратил. Зарем на таа средба не можел Амзоски да го праша Богоев до каде е проектот? И го прашал“, додаде обвинетиот.

За Јовановски обвинението е недоречено.

„Најлесно беше да удрат по Бојан Јовановски. Народот ќе рече, не можеш по магарето, па удри по самарот. Па сега како самар ќе кажам повеќе за магарето“, додаде Јовановски.

Тој негира дека Ременски го поддржала и додаде: „И да сакала да ми помогне, не можела, поради нејзините партиски другари“.

„Блокираната трансакциска сметка е резултат на друг правен спор. Јас сум неколку години со блокирана сметка, а не долги години. Доставивме изјави како и тоа дека сум бил вработен во странска држава, во редовен однос. Сум зимал и хонорари. Платени се давачките во таа држава. Зарем мислите дека овие кои не можат да ме видат со очи и повеќе сакаат во ковчег да ме видат отколку овде, ако не беше така, немаше да поведат постапка за мене. Напоменувам дека и во моментите кога сум бил во Македонија со блокирана трансакциска сметка сум функционирал во Србија и Хрватска, сум имал банкарска сметка, сум плаќал даноци“, додава Јовановски.

На крајот кажа дека кривичната дела за кои го гони обвинителката Ивана Трајчева не биле направени.

„Немало намера ниту потреба да бидат доведени во заблуда двете компании со кои сме имале договори. Сме работеле да го оствариме проектот. За тоа говорат и сведочењата на наводно оштетените, каде Силјан вели дека сакал да го изгради, а другиот дека ако не сум притворен, ќе сум ги врател парите“, заклучи тој.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Ременски негира вина во „Меѓународен сојуз“, ја обвини обвинителката Трајчева за злоупотреба на службената положба

Кристијан Ландов

Адвокатот на Јовановски тврди дека се невини: Ај вие со измама земете му на Силјан Мицевски пари, да видиме дали ќе ги добиете

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) „Меѓународен сојуз“: Пеливанов побара Боки 13, Ременски, Ерцеговиќ и остантите да бидат осудени

Кристијан Ландов

Што кријат пораките на Боки 13 со осум високи функционери, судијката треба да одлучи дали ќе се читаат

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Тензично судење за „Меѓународен сојуз”, расправии помеѓу Боки 13 и судијката за пораките од телефонот

Кристијан Ландов

Боки 13 бара да ја разрешат судијката: Му ја коментирала облеката, била хистерична, врескала, го мразела

Кристијан Ландов